Петар Печков
Објавено: понеделник, 07 мај 2012
Деновиве дел од јавноста токму вас ве обвини за создавање на поделби односно за атак врз опозицијата и отворена поддршка на владејачката партија. Дали ваквите ставови можат да придонесат за нови поделби на верниците бидејќи верниците се со различна партиска припадност?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Ниеден архиереј не е партиски определен, па се разбира не сум ни јас. Светиот архиерејски синод на една своја седница донесе одлука свештенството да не биде партиски определено токму затоа што ние како црква имаме верници од различни партии и не треба народот да го делиме на партиска основа. Во сите партии има верници, во сите партии има и добри и лоши. Јас не верувам дека е погрешно ако некој проговори или гледа со позитивни очи кон владејачката партија, бидејќи ние се раководиме според словото божјо, а апостолот Павле вели власта е дадена од бога и таа власт треба да се почитува. Ние секоја власт сме ја почитувале како црква. И СДСМ кога беше на власт ние немавме проблеми.
Но, последниот ваш настап многумина го протолкуваа како отворен атак врз опозицијата и ставање на страна на владејачката партија а не благонаклоно гледање кон неа?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Јас не ја нападнав опозицијата туку само кажав каква штета таа и направи на македонската црква и македонскиот народ, однонсно оние што се чувствуваат христијани верници. Затоа што за времето додека Љубчо Георгиевски беше премиер се донесе одлука да во училиштата до петто одделение се држи веронаука. Тогаш навистина се добро почна, јас бев брегалнички владика и се сеќавам дека во мојата епархија околу 80 отсто од дечињата и нивните родители ја прифатија. Но, дојде СДСМ на власт и го укина тоа. Ајде повторно нешто се направи, но г-динот Жерновски од ЛДП кој тогаш беше во коалиција со СДСМ ја оспори веронауката пред Уставниот суд и овој суд токму на неколку дена пред Велигден ја прекина веронауката. Потоа сетете се што се случуваше при обидот за изградба на црква во Скопје. Јас не знам зошто тоа го правеа и зошто уште го прават. Не нападнав никој туку кажав што ни направиле. Од луѓето што сега се на власт немаме никакви проблеми.
Од опозицијата ве обвинуваат дека власта ја купува вашата поддршка со проектите за изградба на цркви од буџетски пари, но и милионите евра кои ви ги исплаќа во процесот на денационализација. Голем дел од јавноста директно го поврзува црковниот врв со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а веројатно има некаква причина зошто е тоа така?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Па имотите, шумите, дуќаните што од страна на државата се одземени од црквата, тоа треба ли некој да го врати? Како на сите граѓани што се враќа. Која е таа блискост на архиерејите кога должност им е да ја спроведат таа денационализација. Не е вратено само на МПЦ-ОА туку и на ИВЗ и на многу други организации и граѓани. Државата не ми враќа на лично мене или на некој друг архиереј туку на црквите или епархиите чиј имот бил одземен.
МПЦ-ОА минатата година доби еднаш десет милиони евра од процесот на денационализација, а потоа во неколку наврати и други пари. За што се трошат овие пари?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: МПЦ како црква не добила ништо туку тоа се средства на црквите и манастирите поединечно, чии имоти биле одземани. Секоја црква си ги троши парите поединечно. Јас можам да кажам за мојата ешпархија дека имам добиено три милиони евра и тие пари се употребуваат за изградба и реновирање на конаци, цркви и сл. Тоа не се мои пари туку на црквите во епархијата.
Велите не сте ја нападнале опозицијата...
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Видете седум телевизии беа, сите седум различно дадоа. Никој не го пренесе целото мое излагање. Јас повикувам на единство. Ме разбирате? Тоа што се случи во Св. Димитрија да се случеше во некоја друга држава тоа ќе беше помпезно, ќе се радуваа сите, ќе речеа еве Бог се јавува повторно. Ние веднаш удривме против чудото, против црквата... Срамота е тоа што се пишуваше. Јас повикав на едно единство бидејќи Бог можеби ни дава знак да се покаеме. Бидејќи до вчера живеевме атеистички, го напаѓавме Христа, се срамевме да кажеме дека сме Христијани, не смееше свештеник во мантија на улица да излезе... Јас сум сигурен дека најголем дел од граѓаните, без оглед позиција-опозиција, не ги поддржува овие напади врз црквата. Македонскиот народ во срцето и душата го носи Христа. Затоа е сочувана и државата и црквата со векови и кога било најтешко. И тие денес што плукаат по црквата, нивните родители се религиозни луѓе, да знаете.
Значи, тврдите дека и вие и МПЦ-ОА сте подеднакво блиски и со премиерот Никола Груевски и со лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Да, да. Е сега може некој ми е посимпатичен како личност, како креативец итн. Но, како луѓе ниту едниот ми направил нешто ниту другиот. Ниту едниот ми помогнал во животот ниту другиот. Се сам сум се борел. Јас имам три народни црковни кујни и секој ден хранам 500 души. Ниту сум отишол кај Груевски ниту кај Црвенковски. Има добри луѓе кои помагаат да обезбедиме еден оброк за оние на кои најмногу им треба.
Но, да се вратиме на чудото во црквата СВ. Димитрија. И вие а и некои други свештеници откако почна измивањето на фреските веднаш побрзавте да посочите дека е тоа знак за народот да се покае. Зошто не го прочитавте измивањето како знак и до свештениците да се покајат?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Видете, во тој народ и свештенството треба да се покае. Што мислите, ние сме светители? Па, и во нас тече крв. Само Бог е без грев. И јас грешам, можеби и повеќе од вас. Тоа важи за сите.
Кога сме кај грешките на свештенството, неколку години постојано се пишува за луксузниот возен парк на архиерејите, кои се возат во мерцедеси додека народот тоне во сиромаштија. Нели мислите дека владиките треба да внимаваат малку во овој дел? Се разбира никој не бара да се возат во фиќо, но не мора и во автомобили кои бодат очи?
Митрополит АГАТАНГЕЛ: Мислам дека и тие обвинувања се неоправдани. Јас кога станав Брегалнички владика, таму имаше една Лада што постојано се расипуваше и јас морав на сред пат да застанувам и да ја поправам. Но, има добронамерни луѓе кои дојдоа и ми кажаа дека тоа не личи така и рекоа дека ќе ми купат кола. И навистина ја купија колата- Ауди, Таа кола не е моја туку подарок за Епархијата. Јас си заминав од таму, а колата си остана на Епархијата. Кога дојдов во Повардарската епархија пак го имав проблемот со возилото и со штедење, на кредит купивме возило.
Tweet |