Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 август 2012
Молитва за дожд за да се ублажат последиците од големата суша и од многуте пожари се испеа вчера во велешката црква „Успение на пресвета Богородица“ од повардарскиот владика г. Агатангел во присуство на верниците од овој град.
Владиката Агатангел началствуваше со Света божествена литургија во чии рамки се отслужи и посебен Молебен канон на Пресвета Богородица, каде што е содржана и молитвата за што поскоро да заврне дожд секаде во земјава.
Состојбата е мошне тешка. Веќе речиси цели три месеци тука не заврнала ниту капка дожд и штетите и последиците се големи. Се помоливме што поскоро да заврне за да се ублажи состојбата - ни рече владиката Агатангел.
Тој додаде дека ваквите молитви ги пеел и додека бил на чело на Брегалничката епархија на МПЦ во Штип. Kанонот на Пресвета Богородица, освен ова, предвидува и молитви за болните, за благосостојба во државата и друго.
- Еднаш, по молитвата служена во Свети Николе веднаш заврна дождот - посочува тој. Владиката Агатангел во неделата ослужи и Молебен канон на Пресвета Богородица за оздравување на сите болни и за утешување на сите оние кои се наоѓаат во тешки незгоди, душевни и телесни маки и избавување од секаков вид на душевен немир и страдање.
Пред неколку дена и српскиот владика Милутин во Шабац одржа посебен молебен за дожд
Tweet |