Петар Печков
Објавено: сабота, 30 јули 2022
Велешанецот Владо Стојановски е единствениот учесник на сите досега одржани 22 регати по реката Вардар. Тој пловеше и на последната која се одржа на почетокот од јули, по три години пауза. Неговите спомени започнуваат уште од 80-тите години од минатиот век, кога по реката Вардар кон Гевгелија тргна првите „Гемиџии“.
„Минаа години откако тргнавме за Гевгелија, точно 42. Како кајакари често веславме до Гевгелија, но само со кајаци. Назад со вечерниот воз, со поштенскиот вагон ги ставаме чамците и се враќавме за дома, за Велес. Подоцна се роди идејата, не само ние кајакарите, туку и велешани да ја видат убавината на реката Вардар. Иницијатор беше тогашниот директор на хотел Интернационал, Боре Алчев, голем вљубеник во кајакот. Тргнавме да ја испитаме трасата, каде да се ноќева, колку дена ќе се плови, која е брзината на реката,за да може да ги прецизираме етапите“ - вели Стојановски, кој е дипломиран правник а работниот век го мина во велешка Топилница.
Истражувањата на реката покажале дека најдобро е да се плови четири дена, со прекини и ноќевања во Градско, Демир Капија, Марвинци и за крај до Гевгелија. Таа рута остана и после четири децении и е важечка до денес. Со голема радост зборува за убавите на Вардар
„Реката е најубава кај клисурата Демир Капија, тука е најбрза, најмоќна. Угоре високите карпи, каде се гнездат орлите, ехото кое не може да се доживее на друго место. Тоа е убавина. Последната етапа од регатата од 11км. иако е најкратка од Марвинци до Гевгелија е многу тешка за веслање. Тука Вардар е разлеан плиток и тешко се плови, реката е бавна. Но и кога ќе стинеме до Гевгелија, потребно е време да се собере опремата, чамците да се издишат и тоа одзема време, па враќање до Велес“- додава Владо.
Објаснува дека во првите години не добивале ниту динар за организацијата, храната ја обезбедувале преку тогаш моќните велешки претпријатија.
„Добивавме од сите по нешто,ама на крај сите учесници задоволни. Спиевме покрај Вардар кај ќе стасаме. Имавме го години кога гости ни беа Словаци. Потоа 17 години имаше неприродно долга пауза. Потоа од 2010-та ја обновивме и сега се одржува, освен поради пандемијата со ковид“ - објаснува Стојановски.
Тој, како и други учесници во Вардарската регата со долг стаж има една желба, која засега е тешко остварлива. Со чамците да пловат до Солун.
Tweet |