Петар Печков
Објавено: недела, 03 март 2013
Во кругот на Специјалната болница за белодробни заболувања во Јасеново беше откриена спомен - плоча во чест на ранетите борци Македонци и Грци, припадници на Демократската армија на Грција (ДАГ), учесници во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Настанот се одржа во организација на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА Велес и Сојузот на Македонците од Егејот-МАКЕДОН.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, ја откри спомен плочата и со гордост потенцира дека и тој е потомок на деца бегалци од Егејска Македонија и најави дека Владата ќе продолжи да ги подржува сите активности на овие здруженија за поставување и на други спомен обележја во чест на борците од Егејскиот дел на Македонија кои се бореле во граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Тодор Петров од Светскиот Македонски конгрес обраќајќи се пред присутните потсети на настаните кои се случувале во периодот до 1949 година.
Македонија ја помагаше антифашистичката војна во Грција со доставување воена опрема и лекување на ранетите борци на ДАГ, Македонци и Грци, во македонските болници на осоговската планина Пониква, 15 километри југозападно од Кочани во 1947 година, Катлановска бања до Петровец во 1947-1948 година и Јасеново до Чашка, велешко во 1948-1949 година. Низ овие болници во Македонија лекувани се 6.316 ранети. На околу 2.500 им биле извршени хируршки интервенции, од кои 200 оперирани починале за време на операцијата, 146 борци починале за време на транспортот, а 46 биле донесени мртви. Починатите се закопани во кругот на Катлановска бања и болницата Јасеново, но гробовите до денес не им се откриени, рече Петров.
Обврска, според Петров, на овие здруженија е да ги најдат гробовите на загинатите борци Македонци и Грци, да ги ексхумираат и достојно да ги закопаат во заедничка гробница
Tweet |