Петар Печков
Објавено: четврток, 19 март 2015
Повеќе стотина велешки средношколци, од сите четири училишта, како и од паралелките каде се учи на албански јазик, протестираа по велешките улици. Тие помасовно од пред некој ден, кажаа не за екстерното полагање и не за задолжителна математика на матура.
Порачаа дека се борат за нивните права и тоа што го сметаат за неправда, ниту не се алатка за манипулација и експериментални глувци на ниту една политичка партија, фондација или здружение.
Откако нашите барања беа отфрлени од МОН, со помасовни протести сакаме да покажеме дека не е согласуваме со лошите реформи во образованието. Нема да подлегнеме под притисоците. Директорите и дел од професорите ни ја убиваа и отуѓуваа идејата дека е потребен јавен протест, каде ги искажуваме своите ставови - порачаа велешките средношколци од протестот во Велес.
Во нашите очи екстерното е непотребна реформа. Нашето знаење се проверува преку тестови од 30 случајно избрани прашања преку компјутерски систем. Тоа нас ни личи на тестови на среќа. Во оценката спаѓаат сите писмени и усни одговори, активност и редовност на часот, проекти и домашни задачи. Дали тестот од екстерното може да го оцени ученикот, соодветно исто како и професорот кој го следел ученикот низ цела училишна година - е ставот на средношколците искажан на протестот.
Тие застанаа во одбрана на наставниот кадар, дека компјутерот не може да ги замени наставниците во наставната програма.
Полагањето на матура годинава е само за Гимназиите од година и за стручните. Медицинарите учат две години а ќе полагаат математика задолжително. Тие што ќе одат на филолошки, филозофски, правен, уметничките факултети имаат ли потреба од математика - прашаа на протестот. Средношколците најавија дека протестите ќе продолжат се додека не се усвојат нивните барања. Ваков протест се одржа и во други градови во земјава.
Tweet |