Петар Печков
Објавено: вторник, 20 март 2012
Во три фази ќе се обновуваат кината во Македонија, проект кој опфаќа 14 кино сали. Велес се најде во третата фаза за 2014 година.
Министерката за култура д-р Елизабета Канческа-Милевска, на прес-конференција, заедно со директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески, ја најави реализацијата на проектот за оспособување на постоечката кино-опрема и активирање на кино-салите во четиринаесет национални установи - центри за култура во Република Македонија.
Овој проект предвидува обновување на опремата за прикажување на филмови во кино-салите во центрите за култура, со што ќе се оспособат веќе постоечките капацитети и ќе се овозможи прикажување на филмови во сите градови низ Републиката, рече Канческа-Милевска
Националната установа Филмски фонд претходно направи детална анализа на постојната опрема во четиринаесет установи - центри за култура, наменета за проекции на 35-милиметарска филмска лента, аудио-опремата за филмска проекција, кино-платно и сл. Од анализата се увиде дека во центрите за култура во поголемите градови постојат кино-сали со опрема за прикажување на филмови, но таа е расипана или дотраена и во најголем дел не е во функција. Во анализата се утврдија и конкретните детали кои се однесуваат на тоа кој дел од опремата треба да се замени, а врз кој дел е потребно да се извршат одредени поправки“, појасни министерката за култура.
Проектот за оспособување на постоечката кино-опрема и активирање на кино-салите во четиринаесет национални установи - центри за култура во Република Македонија, ќе се реализира преку Националната установа Филмски фонд и ќе се спроведува во три фази, односно во три буџетски години, започнувајќи од оваа, 2012 година.
Првата фаза, која започнува оваа 2012 година, ќе опфати кино-сали во центрите за култура кои поседуваат кино-проектор и кино-оператор и тоа во: Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино и Кочани. Втората и третата фаза, во буџетските 2013 и 2014 година, ќе опфати центри за култура кои располагаат со кино-сала во добра состојба, но со реална потреба од поголеми инвестиции за да се обезбеди кино-опрема (проектор, платно, аудио-опрема и сл.). Со втората фаза се опфатени центрите за култура во: Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево. Третата фаза ќе ги опфати центрите за култура во Велес, Струмица и Делчево.
Tweet |