речник контакт

Во Велес почна проект за заштита на македонското архитектонско наследство

Француски стручњаци започнаа проект за инвентаризација на сите објекти во градот кои се опфатени како културно историско архитектонско наследство и треба да бидат заштитени.

Петар Печков

Проектот вреден 60 илјади евра во наредните три години ќе се реализира во соработка меѓу Република Македонија и Долна Нормандија од Франција односно преку Француската асоцијација на градови со заштитени и културни зони и Асоцијацијата на градови со архитектонско наследство од Македонија со седиште во Велес.

Во рамки на проектот е предвидена и обука на македонските архитекти кои ќе учат од своите поискусни колеги од Франција. Ќе биде направен  и список на објекти кои треба да бидат заштитени а за нивно реновирање ќе треба да се конкурира за средства преку проектите на ЕУ.

Марили Сортиз, директор на Француската асоцијација на градови со заштитени културни зони која веќе 10 години работи за заштита на македонското културно богатство, а досега работела за заштита на старите чаршии во Скопје и Битола, фасцинирана од убавата архитектура на старите велешки куќи, истакна дека Велес како град има две вредности за заштита на архитектонското наследство.

Една се бисерите на архитектурата на градската велешка куќа со чардаците, што според неа, е една голема вредност, а другата е пејсажната вредност на Велес, бидејќи градот има многу специфична конфигурација на теренот и претставува еден архитектонски пејсаж. Тој според Сортиз, е недоволно промовиран не само во македонската туку и во меѓународната јавност. Таа вели дека Велес треба да се промовира како град кој има специфични вредности во однос на архитектонското наследство.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »