Петар Печков
Објавено: среда, 09 февруари 2022
Во Велес беше промовирана првата единица за живеење со поддршка на лицата со попречености, кои досега биле згрижени во специјалниот завод во Демир Капија.
Во куќа во градот се згрижени пет лица и тие имаат 24 часовна грижа за нив, од страна на пет персонални асистенти, еден физиотерапевт и еден социјален работник.
„Овие лица добија топол дом и грижа. Се потрудивме и обезбедевме асистенти кои ќе работата со нив, со цел да имаат подобра грижа, нега, да направиме подбора социјализација и интеграција во општеството“- кажа Далиборка Златева претседател на Здружението на лица со церебрална парализа кое е лиценциран давател на социјалната услуга за живеење со поддршка во Општина Велес.
Таа најави дека во рамките на овој проект ќе отворат уште четири вакви домови, од кој еден е подготвен и наскоро ќе стартува во Градско. Во Македонија вакви домови има во Неготино, Демир Капија и Скопје. Домот за живеење на лица со попречености во Велес е финансиски поддржан од ЕУ и од ЦеПроСард.
„Овие нови мали групни домови ги претставуваат моделите и најдобрите практики за одговор на потребите на лицата со попреченост. Овие домови се јасен пример кој покажува дека лицата со попреченост немаат некои посебни потреби и не бараат посебен третман во институциите. Единствена е потребата да бидат еднакво третирани. Општеството мора да се бори против дискриминацијата, а различноста да ја гледаат како позитивен момент“- кажа Стефан Худолин, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска потенцира дека со отворањето на овој дом во Велес продолжува деинстутизација на лица од Специјалниот дом од Демир Капија. Таа посочи дека во социјалните установи од овој вид во земјава останале 240 лица, меѓу нив не било ниту едно дете под 18 годишна возраст, а во 2017-та биле сместени 480 корисници со и без попреченост.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, на едно од лицата кои се згрижени во овој мал групен дом, а кој побарал му подари рачен часовник.
Tweet |