Петар Печков
Објавено: четврток, 04 април 2019
Во Театарот „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“, Велес во тек се подготовки за премиерната изведба на претставата „Злосторство на 21-от век“ од британскиот автор Едвард Бонд, во режија на професорот Владимир Милчин. Станува збор за македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзните драмски автори во модерната драматургија.
Текстот е напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век и тоа е визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор,контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.
„Театарот пронаоѓа слики за да ја разоткрие скриената драма така што нејзината реалност може да биде опомена и да го спречи нашето изумирање,“ ќе напише Бонд во своите белешки за праизведбата на „Злосторството на 21 век“.
Жестоката драма на Едвард Бонд претставува голем предизвик за секој театар кој не сака да му понуди на гледачот само разонода и илузија. „Злосторството на 21 век“ е голем општествен и уметнички предизвик за театарот кој ја има најубавата театарска зграда во Македонија, во градот над кој сè уште надвиснува сеништето на Топилницата. Верувам дека велешките актери ќе ги надминат рамките на занаетот и со посветеност и страст ќе докажат дека театарот е сè уште бастион на човечноста во кој ни боговите не се заштитени, без оглед на тоа колку се моќни и притаени. Нема сила која актерот ќе го натера да замолчи кога има што да каже. А Бонд во својата драма им го нуди тој предизвик: Крикот е сепак посилен од молкот! – вели режисерот Милчин.
Во претставата настапуваат актерите Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова. Преводот на текстот од англиски јазик е на Владимир Милчин и Ема Маркоска Милчин, сценографијата за претставата е на Крсте Џидров, костимите на Марија Пупуческа, автор на музиката е Марјан Неќак.
Ова е прва театарска продукција на Велешкиот театар од Програмата за 2019 година поддржана од Министерството за култура, а премиерата се очекува кон крајот на месец април.
Tweet |