Петар Печков
Објавено: среда, 29 август 2012
Велешката Гимназија Кочо Рацин се судрува со просторен проблем, нема училници за сите ученици а нема ни доволно наставен кадар на албански јазик. Најстарото средно училиште во земјава, постои 155 години, со овие два проблеми се судрува пет години наназад. Толку време него го чувствуваат учениците, кои мора да се селат од училница во училница или да учат во непримерни простории а дел од нив на не мајчиниот јазик. Дека има проблем признава и директорот Гордан Стојчевски кој го лоцира, дека се појави откако гимназијата го зголеми бројот на паралелки.
Работиме во тешки услови пред се од просторен аспект. Во гимназијата имаме вкупно 32 паралелки а немаме толку простории за работа. Затоа сега пред почетокот на новата учебна годна гледаме некако да адаптираме некој простор но тешко оди. Се обративме до Министерството за образование, до општина Велес и Советот на општина Велес. Од таму пред четири до пет месеци ни рекоа дека треба да се формира комисија која ќе направи проценка на ситуацијата и да понуди решение. Но од нив од таму одговор за нашиот проблем нема - вели Гордан Стојчевски директор на Гимназијата.
Почетокот на учебната година е на прагот а решение за нови училници нема. Оваа образовна институција, најстара во земјава е потстанар, имотниот лист на објектот каде работат и учат се води на Хемиското училиште Димитрија Чупоски. Но не само со овој проблем се судруваат учениците во Гимназијата. Пролетва заврши првата генерација ученици која во неа се образуваше на мајчин – албански јазик. Паралелките и по толку време од нивното формирање имаат недостаток на стручен наставен кадар, кој ќе предава на албански јазик.
Наместо на албански јазик, децата по одредени предмети учат на македонски. И по толку време не може да се најдат професори кои ќе им предаваат на мајчин јазик. Ова придонесува со послаби резултати на државната матура – велат професорите кои предаваат на албански јазик во Гимназијата. Директорот објаснува дека на конкурси се обидуваат да најдат соодветен наставен кадар, но не можат, па проблемот се провлекува со години.
Не можеме да најдеме професори кои ќе предаваат на албански јазик затоа што ги нема. Поради ова во училиштето на замена доаѓаат професори кои се ангажирани во други општини најчесто од Скопје, патуваат по повеќе километри, се случува да доцнат на настава и да нема часови. Родителите се запознаени со случувањата. И тие правеа напори да обезбедат професори кои ќе предаваат само на албански јазик, но не успеаја - рече Стојчевски директор на гимназијата „Кочо Рацин".
Tweet |