Петар Печков
Објавено: петок, 15 февруари 2013
Во ликовниот салон се поставени 30-тина оригинални мозаици од ореово дрво кои ја отсликуваат велешката староградска архитектура и го откриваат талентот на Тошковски кој со оваа техника започнал да се занимава од 2007 година.
Ова е моја втора самостојна изложба, но прва во Велес, а во изминатиов период откако се занимавам со изработување на мозаици имам учествувано на последната сликарско-копаничарка колонија „Папрадишки мајстори“, истакна, Тошковски.
Процесот на создавање на мозаикот е прилично долг и макотрпен, ситните парчиења ореово дрво е потребно да се чуваат 3 години, а по завршувањето на мозаикот сликата се прекрива со бел восок. Во зависност од големината на мозаикот зависи и изработувањето на истиот па така некогаш се потребни три дена, а некогаш и три месеци за да се заврши едно вакво уметничко дело.
Тошковски е роден 1945 година во денешен Узбекистан, а од 1959 година живее и работи во Велес. Желбата да изработува мозаици е самоиницијативна, тој е лаик кој што носејќи се од умешноста на велешките копаничари, самиот ја развива тајната на ореовото дрво и создава мозаици со мотиви од старата македонска архитектура при што досега има создадено преку 50 мозаици.
Промотори на изложбата беа: Атанас Крлевски и Илко Стојановски кои секој од свој агол проговорија за уметничкиот израз на Тошковски.
Tweet |