Петар Печков
Објавено: сабота, 29 јули 2017
Продавачи, касиерки, магационери, автомеханичари, се дел од позициите на кои има најмногу нововработени лица во Македонија во изминатите пет години. Платите што им се исплаќаат на вработените на овие позиции се меѓу најниските просечни месечни примања во земјава. Најголем пад во вработувањата во истиот период има кај стручните, научните и техничките дејности, во кои се регистрирани едни од највисоките исплатени просечни плати, покажува анализата на Факултети.мк.
Споредувајќи ги податоците за работната сила што ги објавува Државниот завод за статистика (ДЗС) може да се забележи дека во периодот од 2012 година до првите три месеци од годинава, најмногу пораснал бројот на вработени во секторот трговија на големо и мало. Во овој сектор во наведениот период се регистрирани 20.769 ново вработени лица.
Голем број нови вработувања има и во преработувачката индустрија, каде на почетокот од годинава имало 15.859 вработени лица повеќе отколку во 2012 година. Со многу нови кадри може да се пофали и јавната администрација, поточно секторот на јавна управа, одбрана и задолжително социјално осигурување, каде во последните 5 години се регистрирани 8.248 ново вработени.
Од друга страна, најмалку нови вработувања од 2012 година има во стручните, научните и техничките дејности. Во овој сектор годинава се регистрирани 3.635 вработени помалку отколку што имало пред пет години.
Помал пад на бројот на вработени има и кај некои услужни дејности, во секторот образование и во делот на снабдување со електрична енергија. Но во овие дејности станува збор за намалување на бројот на вработени од 200 до 400 лица.
Мирјана Ј. од Битола е едно од лицата кои во изминатите пет години се вработиле во секторот трговија.
Завршив Педагошки факултет, но со години не можев да најдам работа според струката. Во борбата за егзистенција, се вработив во еден бутик мислејќи дека тоа ќе биде само времено решение додека не најдам нешто за што конкретно се образував. Но, веќе поминаа 4 години, а јас се уште работам во истиот бутик бидејќи не можам никако да најдам работа според струката. Имам уште неколку пријателки кои се во иста ситуација како мене. Ова е честа ситуација, особено во помалите градови, бидејќи многу луѓе со високо образование единствената работа којашто може да ја најдат е продавач во различни продавници - вели Мирјана.
Трговијата била најпривлечен сектор за работниците и во текот на изминатата година, при што во првите три месеци од 2017 година во оваа дејност имало најмногу нови вработувања споредено со 2016 година. Во овој период 8.997 нови лица нашле работа во трговската дејност. Најмалку вработувања во овој период, пак, имало во градежништвото, каде за една година се регистрирани 1.231 вработени помалку отколку во 2016 година.
Според последниот извештај на ДЗС, просечната исплатена плата во преработувачка индустрија изнесува 17.751 денар, додека во трговијата на големо и мало таа е 21.473 денари. Во стручните, научните и техничките дејности се исплаќа просечна плата од 29.442 денари.
преземено http://www.fakulteti.mk/news
Tweet |