речник контакт

Во Општина Чашка започната постапка за формирање на Локален младински совет

Иницијативата за формирање Локален младински совет е дел од проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, поддржан од ЕУ

Петар Печков

Во Општина Чашка започна постапката за формирање на Локален младински совет.  Тоа е законска обврска  за младинско учество донесена во 2020 година, која ги задолжува сите општини да ги вклучат младите во носењето на младинските политики на локално ниво, преку формирање на локални младински совети.

Тоа би довело до  развивање на ефективни младински политики како и јакнење на демократските капацитети во заедницата се со цел да бидат активни и ангажирани за изнаоѓање на решенија за подобар живот. Идејата за ваквата младинска активност во Општина Чашка е на невладината организација „Активо“.  

„Идејата на нашето здружение е да иницираме формирање на локален младински совет во Општина Чашка кој ќе придонесе кон вклучување на младите во носењето одлуки, поголема информираност, значењето на улогата на младите во општината, препознавањето на младинските потреби и предизвици, поттикнување на напредокот и развојот на младите како и зајакнување на нивната улога во општеството. За самите млади ова ќе биде мотивирачки чекор да практикуваат активно граѓанство, да учествуваат во решавањето на проблемите на младите од општината и да работат во градењето на подобра иднина во локалната средина за сите граѓани“- кажа иницијаторот Дејан Ристов од „Активо“.  

Неговата идеја наиде на поддршка од локалната власт, која ги вклучи нејзините капацитети, за да започне реализацијата.  Постапката продолжува со средби со младите во Горно Јаболчиште, Мелница Извор и Богомила.

„Се што ќе слушнеме таму ќе влезе во  програмата за работа. Ние како локална власт ќе им отстапиме просторија за  работа.   Очекуваме активно да се вклучат во донесувањето на сите процеси на одлучување, какао што наскоро ќе бидат програмата за работа на Општина во 2023година. Ќе ги следиме потребите на младите во општината. За жал работата на граѓанските здруженија во општината е многу замрена,  и затоа  очекуваме овој Младински Совет да ја надополни  таа празнина. Пред се да бидат коректив во работата на локалната власт “ - изјави Горан Стојановски, градоначалник  на Општина Чашка.

Процесот за организирање на младите на локално ниво преку формирање на локални младински совети и други форми на младинско здружување започнат  е во 2013 година. Во периодот  до 2015 година, за прв пат  се формираа локални младински совети кои имаат за цел да ги вклучат младите во носењето одлуки на локално ниво.

„Очекуваме како мала и рурална општина да развиеме организација, Младински совет, која ќе успее да ги мобилизира младите, да ги вклучи во различни проекти, да им овозможи да волонтираат во различни организации. И пред се да ги вмрежи со останатите млади од Македонија. Да се слушнат нивните  потреби и желби“ - изјави Игор Стојков млад жител на Општина Чашка и граѓански активист.

Во наредниот период  согласно иницијативата потребно е да се изврши  мапирање на локални организации за млади и младински организации во Општина Чашка. Но и мотивирање младите од оваа општина  да се вклучат во процесот на донесување одлуки на локално ниво, преку  локалниот младински совет.

„Општина Чашка во соработка со Извидничкито одред „Димитар Влахов“ од Велес, кој во селото Голозинци Општина Чашка има свој извиднички центар, има изготвено младинска стратегија  за општината. Таа е веќе завршена. Локалниот младински совет ќе има можност во соработка со граѓанскиот сектор, со невладините организации  и локалната власт да креира стратегија за млади во периодот 2023-2027 година“ - изјави Лидија Пљакова, од Општина Чашка, вклучена во иницијативата аа формирање на Локален младински клуб.

Во Општина Велес е втор повик за кандидати кои ќе работат на формирање Локално собрание на млади. Во Општина Лозово и Градско вакво тело нема.  

„Преку Советот на млади ќе се пренесат идеите и предлозите на младите до Општина Чашка, да се слушне гласот на младите. Општина Чашка да биде посакувана Општина за младите,  а исто така младите ќе бидат активно вклучени во процесите на одлучување“ рече Изабела Павловска, младински активист од населба Чашка.

Иницијативата за формирање Локален младински совет е дел од проектот  „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, поддржан од ЕУ.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »