Петар Печков
Објавено: сабота, 14 април 2012
На зградата каде работел и живееле македонскиот македонски преродбеник, поет и преведувач Андреја Петкович, откриена е спомен плоча. Ова обележје во центарот на Риека го открија градоначалникот на Риека Војко Оберснел, македонскиот амбасадор во Загреба Данчо Марковски и градоначалникот на Велес Горан Петров. Петкович како руски дипломат работел во Риека две децении од 1873 до 1892-ра година.
Андреја Петкович бил извонредно успешен дипломат и тој на функцијата дипломат минал 21 година. Во Риека дошол при крајот на 1873 година и бил конзул за Хрватска и Славонија. На оваа функција останал до 1893 година. Во овој период бил мошне успешен, почитуван дипломат, одликуван и од рускиот и од австро-унгарскиот цар – вели д-р Васил Тоциновски.
Тој заедно со Ирвин Лукежиќ, професор на Филозофскиот факултет во Риека, ги истражувале италијанските извори во Државниот архив во овој хрватски град, по што дошле до овие нови податоци, наспроти досега познатите дека Петкович во Риека бил само две години. Иницијативата за поставување на спомен плоча е поведена од универзитетскиот професор д-р Горан Калоѓера, почесен конзул на Македонија во Риека и добитник на Почесното Рациново признание за афирмација на македонската култура во странство а ја прифатил и градоначалникот на Риека Војко Оберснел.
Вистинска реткост е да се најдат биографски податоци за Андреја Петкович, за кој се знае дека е роден во 1837 во Башино Село близу Велес а умрел 1897 година во Санкт Петерсбург. Бил студент во Одеса, од каде заминува во Петроград, каде по завршувањето на студиите станува професионален дипломат, исто како и неговиот постар брат Константин Петкович.
Иако живеел во Русија пишувал песни на македонски јазик а најзначајна е неговата ,,Глас од далека земја,,. Прв ги преведува и басните на Крилов од руски на македонски. Андреја Петкович е од редот на тогашните македонски просветители: Јордан Хаџи Константинов Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Марко Цепенков, браќата Миладиновци. Неговиот постар брат Константин исто така бил професионален дипломат и тој бил 15 години руски конзул, но во Дубровник.
Tweet |