Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 ноември 2018
На последната седница на Советот на Општина Велес едногласно од сите 23 советника, беше донесена одлука со која наместо по еднаш и тоа во ноќните часови, сметот ќе се собира два пати од јавните површини на главните улици и сообраќајници во градот. Досегашната фреквенција на собирање на отпадот не ги даде очекуваните резултати. Контејнерите во централното градско подрачје уште во пладневните часови се преполни со отпад, а кој се собира ноќе, со што се предизвикуваше нагрдување и неуреденост на просторот во урбаната средина.
Во централното градско подрачје работат многу трговски објекти кои имаат лимитирани просторни услови, фреквенцијата на луѓе е голема, количините на отпад се зголемуваат со современиот начин на живеење. Реакциите на граѓаните кои се незадоволни од состојбата се големи особено што отпадот влијае и на здравјето на луѓето, привлекувајќи скитници, глодачи и инсекти кои се пренесувачи на заразни заболувања, заради што оваа состојба е сериозна и неодржлива - пишува во образложението за ново донесената одлука.
Со измената и дополнувањето на Одлуката каде е утврдена зголемена фреквенција на собирање на отпадот, локалните власти сметаат дека ќе се овозможи растоварување на урбаната средина од отпад и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Собирањето на смет ќе се одвива во терминот од 12 до 14 часот и навечер после 21 часот. По два пати на ден ќе се собира од улиците : 8-ми Септември, Благој Ѓорев, Алексо Демниевски Бауман, Страшо Пинџур, Гоце Делчев, Димитар Влахов, Архепископ Михаил, Борис Трајковски, кај Симпо.
Tweet |