Петар Печков
Објавено: среда, 21 ноември 2012
Велешани масовно се вклучија во 10-та по ред акција за пошумување „Ден на дрвото‘‘ кон која се приклучија училиштата, АРМ, вработени во јавните институции, невладините организации и граѓани.
Акцијата се одвиваше на местото викано „Камен“ над Спомен-костурницата од НОВ, на влезот од Велес на површина од 24 хектари, од кои на 17 хектари се засадија околу 70 илјади садници од јавор, јасен и багрем.
Задоволни сме од одѕивот на граѓаните и од училиштата и се надеваме дека засадените садници ќе успеат затоа што ние како Ш.С. „Бабуна“ потоа ја имаме надлежноста да ги провериме и да засадиме дополнително доколку има потреба, изјави в.д. директор, Боге Сокаровски.
Градоначалникот на општина Велес, Горан Петров изрази убедување дека со засадувањето на оваа површина со садници ќе се придонесе за микро климата во Велес и со тоа ќе се создаде подобра иднина на следните генерации.
Во акцијата се вклучи и заменик-министерката за економија, Катерина Костеска, која апелираше до сите граѓани да излезат и да засадат по едно дрвце затоа што, според неа, тоа му е потребно на Велес.
На акцијата традиционално присуствуваат и припадниците на АРМ од велешкиот гарнизон заедно со нивните старешини и командатот на Командата за обука полковник Љупчо Костовски.
Пределот кој се засадуваше е каменлив, но сепак главната причина поради која садниците не би успеале е човечкиот фактор па затоа потребно е да се надгледуваат, а околното население да не ги уништува за да имаме зелен и чист Велес каков што сите посакуваме, апелираше претседателот на Е.Д. „Вила Зора вели Ненад Коциќ кој заедно со членовите на ова друштво традиционално се вклучија во акцијата за пошумување.
Tweet |