Аница Солева
Објавено: недела, 29 јануари 2006
Велешанецот Саво Мишков веќе две и пол години е без дом. Лизгањето на земјата во велешката населба Рамина му ја сруши легално изградената куќа. Тој и неговата сопруга на стари години живеат под кирија. „Не се живееше во неа, почна да се распаѓа куќата од 2000 година, кога почнаа да пукаат куќите на ридот“, изјави Саво Мишков, жител на Рамина. На Рамина освен што се рушат куќи, вода извира од секаде. За да го спаси сопствениот дом, семејството Трајчевски на секои 12 часа во кофи ја исфрла водата од приземјето. „Водата се појави пред четири до пет години, уште пред да се прави ѕидот. Не знам ни јас самиот од каде е таа вода“, вели Благој Трајчевски, жител на Рамина. Земјата и понатаму се лизга на Рамина. Во долниот дел на населбата оштетени се нов број куќи. Жителите се во очај, повеќе не гледаат излез од оваа состојба. Во новиот буџет Владата не предвиде ниту денар за Рамина. Од одлуката е разочаран и градоначалникот на Велес. „Особено заради тоа што експертите од РМ предупредуваат дека мора да има континуитет во разрешувањето на вакви типови на свлечишта, затоа што ако се направи пауза, последиците можат да бидат многу поголеми, што всушност сега и се случува на теренот, затоа што доаѓа до значително придвижување на теренот во долната зона на свлечиштето“, рече Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес. Коцевски ја повика Владата да ја организира ветената донаторска средба. На неа ќе треба да се соберат два милиони евра за санирање на свлечиштето. Градоначалникот од Владата бара да најде пари и за изградба на нови живеалишта за семејствата кои останаа без дом. Градоначалникот заборава да каже дека и во буџетот на неговата општина нема предвидено пари за решавање на проблемот. Извор: [url=www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=57284]www.a1.com.mk[/url]
Tweet |