речник контакт

Во велешки театар премиера на „Петтото годишно време“ (фото)

Претставата е во режија на Васил Зафирчев, настапува Олга Панго а е работена по текст на Сашо Димоски, кој во 2016-тата за делото го доби Рациновото признание

Петар Печков

Сабота вечер во 20ч.  во велешки театар премиерно ќе биде изведена претставата  „Петтото годишно време“, работена по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, во изведба на балерината Олга Панго. „Петтото годишно време“ која е трета премиера годинава на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“,  е магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски. Таа е работена од сопствени средства на театарот. 

Зафирчев претставата ја најавува како танц театарски моноперформанс кој ги истражува и имплементира авторските и уметничките постапки од постдрамскиот театар и танц театарот.

„Претставата на необичен, силно емотивен, авторски специфичен начин, раскажува приказна на балерина од 73 годишна возраст,  која боледува од Алцхјајмерова болест и е сместена во старечки дом. Таа и покрај ограничувањата и кои ги носи болеста и возраста,   се обидува грчевито да ги врати најзначајните моменти од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиното вечно сценско време или до нејзината физичка смрт“ - рече Зафирчев.

Со овој роман, „Петтото годишно време“ делото на Димовски, беше наградено со Рациновото признание во 2016-та година. Претставата е дел од содржините ан 58-то издание на Рациновите средби. Улогата на балерината во претставата  ја има Олга Панго.

„Бев воодушевена со тематиката која романот „Петтото годишно време“ ја обработува и раскажува. Тоа беше голем предизвик за мене, го прифатив и така го започнавме ова наше патување со Васил.  Гледачите ќе видат борба на уметникот, борба на балетскиот играч, да се бори до последниот здив за да танцува,  да дише и да биде на сцена. Старицата се присетува низ четирите годишни времиња, на работи кои што  ја правеле и среќна и тажна“ - кажа Панго.

Соработката на Зафирчев и Панго почетоците ги има во 2003-тага со претставата   „Дневник Стравински“.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »