Петар Печков
Објавено: среда, 08 февруари 2017
Повеќе од половината од поднесените барања за легализација во Општина Велес се решени. Ова на прес конференција го објави градоначалникот Славчо Чадиев.
Заклучно со денешниот ден донесени се 5350 решенија за легализација. Тоа практично значи дека во Велес имаме 5350 објекти кои не се дивоградби и нивните сопственици сега имаат законско право на користење на личниот имот. Од донесувањето на Законот за легализација на диво изградените објекти, до Општина Велес поднесени се вкупно 9477 барања за легализација. Од нив 7864 се барања поднесени во првиот рок за легализација, додека останатите 1613 се во вториот рок кој истече на 31-ви март 2016 година. Бројките покажуваат дека 56,45 проценти од барањата за легализација се веќе завршени – изјави Чадиев.
Со процесот на легализацијата на диво изградените објекти граѓаните за еден евро по метар квадратен можеа да ги озаконат нивните објекти за семејно домување кои од различни причини биле изградени без потребна документација.
Причината поради која голем дел од барања не се целосно завршени е што се чекаат елаборати, во одреден број случаи недостига мислење од надлежен орган, пресметки, документацијата е некомплетна и слично. Граѓаните кои поднеле барање за легализација во вториот рок, дека имаат времеснка рамка до крајот на 2017-та да приложат елаборат. Токму недостигот на елаборати најмногу го кочи процесот на легализација – потенцира Чадиев.
По завршувањето на легализацијата ќе се пристапи кон втората фаза, а тоа е внесување во деталните урбанистички планови на сите бесправно изградени, а сега веќе легализирани објекти.
Tweet |