Петар Печков
Објавено: среда, 22 мај 2013
Во велешко има низок процент на легализација на дивоградбите, досега 800 добиле решенија од 7.800 поднесени барања. Поради ова градоначалникот Чадиев најави дека формирале нови два тима кои ќе работат на оваа проблем, забрзана легализација на бесправно изградените објекти. Така значително би се забрзал процесот како и динамиката на решавање на случаите.
Мене како градоначалник ме радува што велешани покажаа голем интерес за оваа владино- социјална мерка во која за 1 евро по м2 можат да го легализираат својот имот. Исто така значајно како за граѓаните така и за Општината е тоа што по завршувањето на легализацијата ќе се пристапи кон втората фаза, а тоа е внесување во деталните урбанистички планови на сите бесправно изградени а сега веќе легализирани објекти. Само така ќе имаме и вистинска слика за состојбата со инфраструктурата и за потребата од нејзината проширување – изјави градоначалникот Славчо Чадиев.
Тој врачи 20 решенија на легализирани дивоградби. Со тоа бројката на легализирани дивоградби изнесува повеќе од 800.
Во Општина Велес се поднесени околу 7.800 барања за легализација, на кои општинската администрација работи интензивно со цел да се завршат во разумен рок. Чадиев оптимистички најави дека до крајот на годината ќе се легализираат 3000 објекти. Што се однесува до предметите на кои им недостасуваат документи, во интерес на поефикасно и побрзо завршување на процедурата, Општина Велес ги повикува граѓаните да ја докомплетираат документацијата.
Градоначалникот Чадиев беше дециден дека нема легализација на дивоградбите по течението на долна Бабуна, но не кажа што со постојните. Најави дека ќе се работи засилено на спречување на изградба на дивоградби во реонот кај Спомен Костурницата, Рамина, Тунел.
Tweet |