Петар Печков
Објавено: петок, 09 февруари 2024
Во Велес и велешко засега нема регистрирано случај на заразени со пертусис, или кај народот наречена „магарешка кашлица“. Ова го соопштија од Центарот за јавно здравје, каде се евидентираат случаите со заразни болести.
„Во Велес и соседните општини Чашка и Градско, нема регистрирано случај на пациент заболен од пертусис. Тоа се должи на добриот опфат со вакцинација“ - кажа д-р Билјана Трајкова епидемиолог од ЦЈЗ Велес.
Вакцината, која штити од голема/магарешка кашлица, е составен дел од поливалентните вакцини Hexaxim и Pentaxim, кои се воведени во Македонија во 2015 година. Претходно пертусис- компонентата беше составен дел од 3-валентна вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис , попозната кај населението како ДиТеПер вакцина. Во Македонија против пертусис се вакцинира од 1960 година.
Вакцините се задолжителни и според националниот календар за имунизација, и се аплицираат како три дози и две ревакцини, соодветно на 2 месец, 3-4 месец, 6 месец, една година и 6 месец, 7 години во 2 одделение.
Со воведувањето на поливалентните вакцини со ацелуларна компонента на пертусис се очекуваше дека опфатот на вакцинација ќе се покачи, бидејќи ќе можат да се вакцинираат и многу деца кои претходно поради здравствени причини не можеле да примаат целуларна вакцина. Но опфатот на имунизација континуирано опаѓа, што доведува до појава на повеќе случаи на одамна заборавени болести, меѓу кои и магарешката кашлица.
Покрај сите напори и редовно повикување на родителите да ги донесат децата за вакцина, на ниво на Здравствен дом Велес (кој ги покрива општините Велес, Чашка и Градско), во 2023 година опфатот со 1 ревакцина изнесува 79,3% ,односно во селата е 95,7%, а во градот 70,9%. Опфатот со првите три дози е задоволителен и изнесува околу 95%.
„Со цел да се заштитат малите деца кои се најранлива категорија за оваа болест и да не се дозволи ширење на заразата кај населението, ги повикуваме сите родители, чии деца поради која било причина ги пропуштиле редовните дози или ревакцини, да ги донесат своите деца во Здравствениот дом за вакцинација. Службата работи секој работен ден во прва смена. Вакцините се индивидуални дози, а тоа значи дека можат да се аплицираат кој било ден без претходно закажување“ - кажа д-р Марина Тодоровска раководител на одделот за претшколска превентива.
Втората ревакцина за пертусис се аплицира во второ одделение.
„Опфатот за школска возраст е висок, 98отсто. Овие деца кои ен е вакцинирани им се јавивме лично телефонски на родителите. Некои од нив веќе утринава и дојдоа и очекувам дека заклучно со наредната седмица ќе имаме 100 отсто опфатеност“ - кажа д-р Лидија Проданова, раководителка на одделот за Училишна превентива при ЈЗУ Здравствен дом.
Tweet |