речник контакт

Во вселената тргнуваат туристите

Од следната година за 200 илјади долари може да се прошета до вселената. Летот трае 4,5 часа а најблиската агенција која продава билети е во Загреб. Познати се првите 500 патници, Македонец засега нема

Петар Печков

Годинава, милијардерот Ричард Бренсон и сопственик на Вирџин Галактик, изјави дека компанијата планира да ги направи вселенските летови достапни за масите, а првите летови ќе стартуваат во 2014 година.

Со громогласна бучава над американската пустина Мохаве, суперсоничното летало во сопственост на милијардерот Ричард Брансон го изведе и тестниот лет.

Предвидено е патниците да летаат со SpaceShipTwo, вселенскиот брод кој не загадува многу, а неодамна постигна суперсонична брзина во својот втор тест лет.

Искуството нема да биде исто како качување на спејс шатл на НАСА, но ќе биде дефинитивно поразлично од она што може да се види и почувствува во класичен авион.
Комерцијалните вселенски летови се уште не се лесно достапни, но Бренсон верува дека тоа е почеток на нешто навистина големо што во иднина ќе значи и поевтин вселенски туризам.

Хрватска агенција за продажба на вселенски летови

Хрватската патничка агенција Уликс е единствената во регионов и една од 35-те во светот кои се акредитирани од компанијата Вирџин Галактик, инаку, дел од големата британска корпорација Вирџин, која организира вселенски туристички патувања. Секој кој има 200 илјади долари и желба да ја напушти Земјава барем на два ипол часа, ќе може да им се придружи на првите цивилни астронаути и да биде дел од историјата.

Формирана е една национална група, во која се првите сто личности кои ќе одат на пат во вселената. Во таа група се остава место за личности од одредени земји кои би биле први на тоа патување од својата земја. На пример, ако некој сака да биде првиот Македонец и е подготвен тоа да го плати, се остава во таа група место за него. Кога ќе го уплати депозитот, тогаш никој друг од истата земја не може да дојде на листата пред него. Инаку, патувањето чини 200 илјади долари.

Летот трае вкупно два и пол часа. Од нив, 4 минути во бестежинска состојба. Кога летовите еднаш ќе почнат, редот на летање би бил многу редок, односно, би се летало еднаш неделно или еднаш на две недели, а леталото може да превезува шест патници и двајца пилоти.

Станува збор за летало кое веќе било во вселената, значи, не е идеја, туку конкретна работа. Врз основа на тоа летало се изработува комерцијалното летало со кое ќе патуваат вселенските туристи. Досега, за патувањето уплатиле 500 луѓе, а се уплаќа или дел од депозитот или целата сума, со тоа што, доколку се уплати целиот депозит, се оди повисоко на листата на чекање. Во групата од првите сто, се прави селекција за првите шест патници. Засега, со сигурност се знае дека меѓу првите шест патници ќе биде Ричард Бренсон, оснивач на Вирџин групацијата, кој со својот пример сака да покаже дека станува збор за апсолутно безбедно патување.

Меѓу првите патници треба да биде и Стивен Хокинг, најголемиот жив физичар, човекот кој вселената и го приближи на светската популација, еден од најголемите умови во претставувањето и промоцијата на свемирот и на некои законитости кои тој ги носи.

Меѓу првите патници ќе биде и човекот кој го проектираше леталото, Бут Рутар, како и други познати луѓе на кои одењето во вселената ќе им биде една точка на пресврт која ќе им помогне сето тоа што го проучувале за неа, да добие појасна слика.

Уплатите за патувањето одат директно на сметката на Вирџин. Ние ги поврзуваме Вирџин и клиентот, а Вирџин, со целиот свој имот гарантира за безбедноста на летот и стои зад овој проект, велат од Уликс.

Инаку, проектот на Вирџин Галактик е еден историски проект, историски момент, кој ќе ја отвори ерата на вселенскиот туризам. Во овој регион, освен хрватската агенција Уликс, акредитирани агенти за продажба на вселенските летови има само уште во Чешка и во Австрија.
Канадскиот поп пејач Џастин Бибер е последната славна личност која ќе ги дофати ѕвездите и ќе летне во вселената со „Вирџин галактик“ на Ричард Брансон. Британскиот претприемач Брансон соопшти на Твитер дека 19 годшниот Бибер и неговиот менаџер Скутер Браун, се најновите идни астронаути.

Комерцијалните летови до вселената на „Вирџин атлантик“, веќе привлекле многу славни личности, како физичарот Стивен Хокинг и актерите Том Хенкс, Бред Пит и Анџелина Џоли. Американскиот актер Ештон Кучер е јубилејниот 500-ти клиент на програмата за туристичко патување во вселената на компанијата Вирџин. Кучер ќе се најде меѓу бројните богаташи од светот на филмот, научници и други богаташи кои вложиле пари за да станат првите патници во вселената со компанијата „Вирџин Галактик“.

Инаку, леталото потсетува на мал авион со крилја близу до опашката. Предвидено е за шест патници и има по два прозори за секого. Патниците ќе искусат пат од два и пол часа со околу пет минути бестежинска состојба и поглед на Земјата кој до сега го имале само астронаутите.
Инфо за летот

Летот ќе се одвива со вселенското летало „Space Ship 2“. Носачот е веќе направен, а направени се и неколку пробни летови. Вселенското летало би требало да го направи својот прв пробен лет оваа година, на есен. Инаку, во 2004-та, вселенско летало со помали димензии, „Space ship 1“, веќе бил три пати горе, на висина од 110 километри што официјално се смета за почеток на вселената.

Летот до 50 илјади стапки започнува во тишина и исчекување. По одбројувањето ќе почувствувате сила која ќе ве залепи за седиштата, ќе го слушнете звукот на моторите, а забрзувањето кое постигнува брзина три пати поголема од брзината на звукот ќе ве исполни со единствено чувство на воодушевување. Додека летате до работ на атмосферата, низ прозорецот ќе забележите како бојата на небото се менува од сина во црна.

Тогаш знаете дека доаѓате во вселената. Во моментот кога моторите ќе се изгаснат, ќе ја забележите тишината, а гравитацијата ќе исчезне. Тогаш можете да се ослободите од седиштата и едноставно да одлебдите до прозорецот за да го видите призорот за кој многумина само сонуваат. Едноставно, гледате во планетата обвиткана со син плашт за која знаете дека е вашиот дом. По враќањето во седиштата и гравитацијата почнува да делува. Пилотот најавува враќање дома. По враќањето, знаете дека животот повеќе никогаш нема да биде толку мирен и спокоен.

Перформанси на леталото

Кога леталото се враќа на Земјата, неговите крила можат да се подигнат за 90 степени. Тие го забавуваат и овозможуваат леталото под било кој агол да влезе во земјината атмосфера. При влегувањето назад во атмосферата, крилата се враќаат во аеродинамична положба и леталото се спушта како едрилица, без гориво. Што се однесува до сигурноста на самиот мотор, важно е да се нагласи дека тој може, во било кој момент да биде исклучен. Контролата на дотокот на гориво не му е препуштена на случајот туку е под контрола на пилотот.

Значи, ако се случи некој проблем при полетувањето и лансирањето на леталото, тој може да го исклучи дотокот на гориво и може сигурно да слета како едрилица на земјата. Горивата се максимално прифатливи што се однесува до зачувување на средината и до загадувањето и тие горива многу помалку и штетат на атмосферата. Кога ќе се покрене целата индустрија, нема да ја загадува атмосферата повеќе од просечен авион кој го користи воздушниот простор.

 Текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »