Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 декември 2021
Во шесте клона од детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес изминатите месеци се изврши набавка на нова опрема, санација и реконструкција на објектите, со што тие добија подобри услови за престој на децата. Вложувањата беа инвестиции од самофинансирање или од блок дотациите.
Според информациите од установата, последните месеци биле инвестирани повеќе од 8,3 милиони денари а за проектите кои се во тек обезбедени се средства од 6,5 милиони денари, или вкупно околу 15 милиони денари се вложени за подобрување на условите за престој на децата во градинките.
“Во изминатиот период набавени се шест машини за миење садови поставени во кујните во сите шест објекти на градинката во Велес, по најсовремена техника и високи стандарди. Со помош на истите градинката обезбедува заштеда на вода, електрична енергија, средства за хигиена и 100% механичка дезинфекција на приборот за јадење. Набавени се 13 инвертер клима уреди, монтирани во сите објекти, зависно од потребите во моментот. Купени се и две машини за перење и две машини за сушење алишта кои се изработени по најсовремена технологија за одржување на беспрекорна хигиена на постелнина, хранилки и гардероба за деца која се користи во градинка“ - кажа Маја Велиновска директорката на Детските градинки Димче Мирчев во Велес.
Тоа е само дел од извршените работи. Во објектот 3- на ул. Тодор Јанев, извршена е замена на прозорите со ПВЦ, на градинка кај Жаба зграда е променета е надворешната ограда како и инсталиран нов горилник за греење, во објектот во населба Тунел е извршена санација на кујната и тоалетите, во објектот во Дворови е санирана кујната, како и промена на подот, набавена е нова аудио и визуелна опрема.
Во тек е набавка на игровна опрема, замена на горилникот во градинката кај Св. Кирил и Методиј училиштето. „Жито маркети“ донирале 200 парчиња високо квалитетна постелнина за деца. Од Ротари клубот била добиена донација од кипер за готвење свежи оброци и вертикална печка, наменети за користење во централната кујна, кои се од голема помош при подготовката на оброци за вкупно 1200 деца.
Tweet |