Петар Печков
Објавено: недела, 16 декември 2012
Организаторите на наградата Оскар никако да престанат со иновации. По неодамнешната и најзначајна, кога листата со пет номинирани за најдобар филм ја проширија на десет, оваа година ги поместија и роковите за објавување на номинации: Инаку за тоа кој ќе се натпреварува за Оскар дознававме дури во последната третина на јануари, еден месец пред доделување на наградите, но сега тој рок е поместен две недели порано.
Поместување на датумот
Така веќе на 10 јануари ќе се прогласат номинираните во сите категории, а свеченото доделување ќе се одржи на 24 февруари. Потегот е многу логичен: филмовите кои ќе бидат издвоени како најдобри во изминатата сезона ќе имаат повеќе време да постигнат подобар резултат на кино благајните. Имено, вообичаена е поплаката дека гласачите на Американската академија за филмска уметност се определуваат за филмови кои не поминуваат најдобро во кината.
На пример, кој ќе гледа телевизиски пренос за доделување на наградите, на кој Американската академија заработува најмногу, ако публиката не е заинтересирана за филмови кои се борат за Оскар. Со две дополнителни недели, можеби заработката сепак ќе биде подобра.
Поместувањето на датумот за прогласување на номинациите сигурно нема да им се допадне на организаторите на Златен глобус, кој го доделува Здружението на странски дописници во Лос Анџелес. Тој мал погон до сега успеваше да привлече големо медиумско внимание, бидејќи важеше како најава кои филмови најдобро ќе котираат во трката за Оскар: прво се доделуваше Златен глобус, а дури потоа следуваа номинациите од Американската академија. Сега повеќе нема да биде толку интересно кои ќе бидат добитници на Златен глобус, бидејќи ќе знаеме неколку дена порано кои филмови, режисери, глумци и останати филмски професионалци ќе ги фаворизира Американската академија.
Во втор план
Кои филмови ќе се пробијат меѓу десетте номинирани? Само пет се сигурни, додека за останатите места конкурираат барем уште десет наслови. Карактеристично е дека американските големи холивудски компании, оваа година имаат најатрактивна понуда, а независните кои порано беа многу доминантни, сепак се во втор план.
Пет речиси сигурно номинирани:
Арго
Филмот со Бен Афлек се уште игра во нашите кина, а во Америка веќе собра над 100 милиони долари бруто, што и тоа како поволно може да влијае на гласачите. Големи адути му се инвентивното сценарио, потсетувањето на автентични настани од почетокот на 80-тите, кога ЦИА извлекла од Иран шестмина избегани службеници од американската амбасада, одличната режија на Афлек и патриотизмот без патетика. Дали тој политизиран трилер ќе триумфира во завршницата? За сега е помалку веројатно, но никогаш не се знае.
Линколн
Стивен Спилберг обожува лекции од историјата, па по Шиндлеровата листа и Амистад, евоцираше со какви се трикови морал да се послужи Абрахам Линколн да влезе во Конгресот, во екот на граѓанската војна, со амандман со кој би се укинало ропството. Даниел Деј Луис е фаворит за Оскар за најдобра машка улога, а филмот ќе собере уште многу номинации, но прашање е дали на крај ќе ја добие и главната награда. За некои тоа е фасцинантен филм, а за некои помалку досаден.
Јадници
Екранизацијата на омилениот театарски мјузикл може да го повтори успехот на Чикаго кој во 2003 година го доби главниот Оскар. Го режираше Том Хупер, кој пред две години доби Оскар за Кралскиот говор, а новина во неговиот концепт е тоа што ги натера сите свои глумци да пејат (Расел Кроу, Хју Џекман, Ени Хетевеј и др.), така што песните наводно звучат крајно автентично. Гледачите на пригодните проекции се воодушевени од филмот, критичарите не премногу.
Во добро и во зло
Така тука е преведен филмот Silver Linings Playbook, романтична комедија, чии протагонисти се писател кој некое време бил во санаториум за душевни болни и неконвенционална девојка која му помага да ја врати својата сопруга. Режисерот и сценарист Дејвид О Расел пред две години се тркал за Оскар со својот филм Борец, а неговите продуценти браќата Веинстеин се вистински махери на оскаровскиот маркетинг: ги дистрибуираа двата последни победници, Кралскиот говор и Уметник.
Zero Dark Thirty
Интересниот наслов Нула темница триесет е војнички термин за состојба кога надвор е темница, но Катерина Бигелов сака такви игри на зборови, па нејзиниот The Hurt Locker кај нас го преведоа како „Командант Џејмс“. Поранешната сопруга на Џејмс Камерон повторно се здружи со сценаристот Марк Боало и покажа како изгледала потерницата по Осама Бин Ладен. Нејзиниот акциски трилер трае 157 минути и до сега доби награда од њујоршките критичари и националното здружение на критичари. Режисерката може да се закити со уште еден Оскар.
Можни номинации:
Пиевиот живот
Ќе биде големо изненадување ако екранизацијата на бестселерот на Јан Мартел не се избори за номинација, но многу аналитичари филмот не го ставаат во тесен круг на фаворити. Критичарите го фалат магичниот реализам на оскаровецот Енџи Ли, во кината солидно поминува, што треба да бидат доволни препораки.
Мастер
Браќата Вајнстаин можеби погрешија што уште во септември го пуштија филмот на П. Т. Андерсон, морален победник на венецискиот фестивал, во американските кина. Филмот помина скромно, што може да ги обесхрабри гласачите. Но сепак ниту Андерсоновиот филм „Ќе има крв“, не беше хит, па сепак се тркаше за Оскар.
Ѕверови на јужните дивини
Победникот на фестивалот на независниот американски филм во Санданс заслужи номинација. Првенецот на Бен Зејтлин, вешто кокетира со магичниот реализам и ја доловува состојбата по катастрофалната поплава, последиците од ураганот Катрина. На 9 годишната Куензин Валис исто така се насмевнува номинација.
Љубов
Филмот на Мајкл Ханеке, добитник на Златна палма и Европската филмска награда, не е без шанси во освојување на номинација за главниот Оскар: во Америка има многу силна промоција, им се допаѓа на сите, а и фаворит е во категорија за најдобар странски филм. Главните глумци исто така можат да бидат номинирани.
Бегалецот Џанго
По проекцијата за критичарите, се шпекулираше дека новиот филм на Квентин Тарантино, посветен на шпагети вестерн, нема шанси за главна номинација: неоспорно е одличен и предобро режиран, но долг е, многу се зборува и е ексцентричен. Таков беше филмот „Немилосрдни гадови“, па сепак се номинира.
Кралството на изгрев на месечината
Култниот режисер Вес Андерсон до сега ниту еднаш не се изборил за номинација за најдобар филм, а овој пат за тоа има шанси, бидејќи оваа симпатична комедија со мали деца до сега е најдобро остварување, кое притоа и многу добро помина во американските кина.
Skyfall и Витез на темнината: Враќање
Џемс Бонд и Бетмен за Оскар? Невозможно! А сепак... Оваа сезона може да се пофали со два блокбастери кои истовремено се и врвни уметнички остварувања, а тоа се филмовите на Сем Мендес и Кристофер Нолан. Двајцата заслужија номинација, но гласачите на Американската академија не сакаат франшизи.
Лет
Дензел Вашингтон е одличен во улога на пилот на патнички авион кој спречи катастрофална несреќа, меѓутоа истрагата открива за него незгодни факти. Роберт Замекис со години беше закопан во хипер реалистичните цртани филмови и ова е негово исклучително пофалено враќање на играниот филм.
текстот е преземен од Јутарњи лист - Загреб
Tweet |