речник контакт

Во редици за вработување во Маркарт

Маркарт изненаден од големиот интерес. На Саемот не дојдоа само велешани, имаше и бројни скопјани. Ниту посетителите прашале, ниту домаќините кажале колкави ќе бидат платите

Петар Печков

Повеќе стотини заинтересирани лица трпеливо со часови чекаа да дојдат на ред за посета на ,,Саемот за вработување,, на германската групација ,,Маркарт,,. На повеќе пунктови во училниците од  Гимназијата ,,Кочо Рацин,,  посетителите можеа да добијат информации за работните позиции, што се работните задачи, што се произведува,  за работниот процес на оваа компанија. Овој дел не беше достапен и отворен за посета на известувачите, што таму виделе раскажуваат апликантите.

На секоја врата имаше објаснето на англиски и  македонски што се  работните позиции. Внатре пуштаа  по 20 до 30 лица, имаше одговрен  Германец кој на англиски  објаснуваше се што е потребно. Доколку имаше некое  прашање, тие одговараа. Може секој да  посети тоа што го интересира и да слушне што се работи. Потоа ако е заинтересиран, доставува  СВ и документ со кој аплицира за одредено работно место – вели еден од бројните посетители на овој Саем на вработување.

Нив ги имаше од различни возрасни групи, степен на образование. Објаснуваа дека иако имаат и повеќе од 50 години возраст, имаат право на работа и се надеваат дека тука ќе најдат егзистенција. Мал дел беа незадоволни што презентацијата била на англиски јазик, па не разбрале што се говори.  И не беа само од Велес, имаше и бројни скопјани.

Ако можат многумина велешани да патуваат секој ден до Скопје и назад на работа, зошто да не се обидам и јас да работам во Маркарт.  Ги пополнив документите, па ќе чекам одговор – вели скопјанец со завршен машински факултет.

Имаше и многумина кои работат во некои од странските инвестиции во Македонија, но се обидуваат да најдат нова работа. Тука имаше велешани кои работат во Џонсон Мети, Џонсон Контрол, Ван Хол или Дрекселмаер. Сите се надеваат дека ќе има подобри плати и ќе го избегнат секојдневното патување на релација Велес - работно место и назад.  Но никој не пројавил интерес колкава плати се зема.

Ниту менаџерите споменаа колкава е платата, ниту пак некој слушнав од групата да праша колку таа изнесува. Така беше на сите позиции кои ги  посетив. Велат дека ќе имало добра плата, затоа сакам да дојдам тука, доволно беше патување- вели велешанец. 

Првично се најавува   отворање на  100 работни места, а во следните пет години ќе се вработат 500 до 600 лица. Тие  ќе имаат организиран превоз и менза. ,,Маркарт“ произведува автомобилски и делови за домашни електрични апарати како прекинувачи, сензори и контролни апарати.

Не очекувавме дека толкав број на луѓе ќе пројават интерес и ќе дојдат, на овој отворен ден. Започнавме со регрутацијата, набргу, мошне бргу во фабриката во Романија ќе биде испратена  на обука  група вработени. Заедно ќе работиме на иднината на Велес и воспоставување на стандарди - рече Волфган Ајхер, генерален менаџер   на Маркарт во Македонија.

Фабриката се гради кај селото Караслари, близу автопатот Велес- Скопје, ќе произведува делови за автомобили и се простира на површина од 14 илјади метри квадратни. Изградбата на фабриката  се најавува да заврши кон крајот на март или почетокот на април, а производството да почне кон средината на идната година.

Ќе се произведуваат електронски компоненти за светските автомобилски гиганти „Мерцедес“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Ауди“. Инвестицијата во наредните пет до десет години ќе изнесува меѓу 35 и 50 милиони евра.  Групацијата е основана во 1925 година и има фабрики на 13 локации во 10 земји во светот со повеќе од 7.000 вработени.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »