Петар Печков
Објавено: среда, 13 септември 2023
Започнаа активностите за второ, есенско ларвицидно теренско – третирање од земја, против ларви од комарци на територијата на Општина Велес.
„Теренското третирање од земја, против ларви од комарци се врши на територија од 7 хектари покрај вода и водни површини, кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание ќе се посвети на површините со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување“ - соопштија од Општина Велес.
Операторот избран на јавен повик е ЈЗУ Центар за Јавно здравје – Скопје, и согласно Елаборатот изработен од страна на Центарот за јавно здравје Велес, ќе бидат третирани: крајбрежјето на езерото „Младост“, делот кај езеро „Јарбош“, Градскиот Парк, Градски Стадион, Младински Парк, по течението на реката Вардар, реонот на Дервенскиот поток и градските фонтани.
„Третманот се врши со препаратот „Биопрен“ 4 ГР, ларвицид за комарци во вид на гранули, се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство и се применува насочено само за комарци и ларви кои летаат на области кои се претходно одредени. Средството во вид на гранули се положува во застоени водени површини. Истото не е штетно за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици“ - информираат од локалната власт.
Ларвицидното третирање е општа мерка за заштита на населението од заразни болести, и е предвидена во Програмата за активности на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2023 година согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.
Општина Велес е една од седумте во Македонија кои врши две третирања против комарци, и од воздух и по земја.
фото Општина Велес
Tweet |