Петар Печков
Објавено: четврток, 11 април 2019
Процесот на воведување на платеното паркирање во Велес е заглавено во правните нормативи. Со формирање на ЈП Велес паркинг, локалната власт сметаше дека преку воведување платено паркирање во градот ќе се воведе ред во сообраќајот во Велес. Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски се пожали дека неколку месеци процесот тапка во место, откако не можат да добијат согласност за паркирање на главните градски улици.
Имаме една контрадикторна ситуација. МВР не ни дава согласност третата лента на улиците Благој Ѓорев, 8-ми септември и Димитар Влахов да бидат паркинг зони, оти се магистрални или регионални. Во пракса тоа е така, таму се паркира а сообраќајната полиција не спречува и не казнува а вели е забрането паркирање. Целиот процес на паркирање со ова ни е нарушен. Затоа узурпирани се тротоарите, автобуските постојки кои се користат за паркирање. Гаражите дел од сопствениците ги пренаменија во деловен простор, па тие нема каде да паркираат и сега некој друг е крив што состојбата е лоша - кажа Коцевски.
Тој посочи дека и Кавадарци се судрувал со идентичен проблем. Поплаката можеше да ја слушне министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој кажа дека се бара начин проблемот да се надмине.
Актуелните законски решенија не предвидуваат да се дадат согласности. Тоа не е само за Велес туку го има и во други градови. Имав состаноци со Министерот за транспорт и врски, ЈП за државни патишта, заедно да изнаоѓаме начини да ги промениме постојните законски решенија и подзаконски акти, се со цел да овозможиме одговор на барањата кои ги наметнува новиот начин на живеење, потребата од поголема мобилност, но и за развој на бизнисот - рече Спасовски. Бројките покажуваат дека во градот има 13.711 регистрирани возила.
Tweet |