Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 јули 2016
Центарот за јавно здравје од Велес излезе со редовната годишна информација, каква вода користи населението од општината. И додека четириесет и кусур илјади жители на градот немаат никаков проблем со водата за пиење, населението од руралните средини најчесто пие неисправна вода.
Во 2015 водата од градски водоводот беше здравствено безбедна, ниту една контрола не покажа позитивен резултат. Природни чешми во градот, кои граѓаните во лето ги користат, епидемиолошки се несигурни, бактериолошки неисправни. Треба јавно да бидат обележани дека водата е неисправна и не е за пиење – изјави д-р Снежана Петрова од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.
Согласно законската регулатива тие вршат редовна санитарно – хигиенска контрола на водоснабдителни објекти и квалитет на вода за пиење од локални водоводи, чешми и бунари, како и бактериолошко - физичко – хемиска анализа и контрола на водата за пиење. Затоа десетина илјади жителите од велешките села најчесто имаат неисправна вода за пиење, поради што претставуваат ризик од појавување на епидемии од цревни заболувања.
Селските водоводи во голем процент се бактериолошки загадени, оти водата не се хлорира, не се стопанисува стручно со нив. Кај овие неисправни примероци на води е докажано кај физичко - хемиската анализа присуство на нитрати и матност, додека бактериолошките испитувања покажуваат неисправност има ешерихија коли и колиформни бактерии кои покажуваат дека има фекално загадување. За отстранување на овој проблем, треба со водоводите да стопанисува стручно овластена организација, која редовно ќе врши дезинфекција за водата да биде исправна. Потребно е да се направи асанација на водоводни објекти за да водата да биде безбедна а со тоа и населението од руралните средини – објаснува д-р Петрова специјалист по хигиена.
Тие како Центар се должни секој неисправен резултат во рок од 48 часа да го пријават до Агенција за храна, Државниот санитарен здравствен инспекторат, Центарот за управување со кризи и Министерство за здравство. Таа додаде дека нивните резултати покажале од четирите базени лани кои велешани преку лето ги користат за рекреација и разладување, тие од Хотелите Романтик, Монтенегро, Гарденија, сите опити биле негативни освен на Градски базен каде во четири испитувања имало неисправност , поради што исто толку време не работел, додека не бил отстранет дефектот.
Tweet |