Петар Печков
Објавено: вторник, 05 јуни 2018
По барање на жителите на населбите Превалец и Тунел на 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина, ЕД"Вила Зора” организираше јавна трибина за загадувањето на воздухот во населбите Превалец и Тунел во Велес. На истата присуствуваа жителите на засегнатите населби, како и преставници на фирмата Техно-Павер која управува со варницата, државниот инспектор за животна средина и локалниот инспектор за животна средина.
Бидејќи досега во јавноста се нема обратено никој од фабриката за вар, која секојдневно е прозвана по медиумите и социјалните мрежи, за почеток претставникот на ,,Техно Павер,, се обрати на малубројните присутни, во големата сала на Општина Велес. Со резултатите од работата на фабриката кои предизвикаа силни рекации, настапи правникот Виктор Јовановски.
Нашата фабрика располага со ,,А,, интегрирана еколошка дозвола. На месечно ниво се вршат испитувања на штетна емисија на честички гасови, на што сме обврзани. Досега никогаш не се надминати максимално дозволените граници. Се планира да се постават дополнителни филтри кои ќе ги задоволуваат и најригоризните светски стандарди. Чадот кој се гледа и на кои жителите реагираат е водена пареа, која се испушта како дел од процесот на хидратизација. Згора на тоа фабриката е изградена 1954-а, тогаш околу неа немало куќи, кои се изградени подоцна. Зошто таму се граделе, поради фабриката дошле луѓето да живеат тука - кажа Јовановски.
На ова жестоко реагираа без исклучок присутните жители на населбите Тунел и Превалец. Ги побараа резултите според кои раководството тврди дека нема аеро загадување.
Каква е таа водена пара која наместо горе во воздухот се спушта на земја. Во мојата соба има прст прашина. Не се дише. Ни го загорчавте животот, не отрувте. Ова што ни го прочитавте е навредливо за нас, за жителите. Ние сме подготвени да излеземе и да се браниме. Топилница сите ја помнат, нема да дозволиме втора. Бучавата е над дозволената граница, минирањето оштети повеќе куќи во новиот дел на градот - рече жител на Превалец.
Од ЕД Вила Зора потсетија дека иако на нивниот прес одржан во средината на месец април годинава прашаа какви се измерените вредности од загадувањето во новиот дел на Велес, тие и по толку време не добиле одговор.
Државниот инспектор за животна средина за подрачјето на Велес, Кавадарци и Неготино, Јонче Димков пред присутните кажа дека извршувајќи ја неговата работа обврска во два наврати бил физички спречен во тоа од страна на вработен и сопственикот.
Имав големи закани, притисоци, што е документирано во СВР Велес и се наоѓа пред надлежните судски органи. Бидејќи инспекторатот работи тимски, колеги го преземаа овој предмет. Извршени се амбиентални мерења, рокот е продолжен и деновиве резултатите ќе бидат познати по што се очекува да биде изречена глоба за непостапување по решение. За вториот предмет, колега изврши увид во инсталацијата. Записникот беше готов, но за жал тој инспектор по некој ден почина од струен удар извршувајќи службена задача и тој предмет не знам каде е сега - рече Димков.
Тој потенцира дека Државниот инспекторат за животна средина не вршел мерења, оти немал своја сопствена лабораторија, Министерството за животна средина имало лабараторија но немала акредитација. Минатата година, во август и септември во реката Тополка се случија два помора на риба, обвинета беше фабриката, но не се докажало во постпката дека таа е причинител на загадувањето на реката. По ова се јави лицето кои физички го нападнало инспекторот, јавно му се извини пред сите присутни и кажа дека фабриката за вар работи на штета на граѓаните но и вработените, кои се 60-тина.
Tweet |