Петар Печков
Објавено: понеделник, 19 мај 2014
Во неделата попладне се случи железничка сообраќајна несреќа на патниот премин кај селото Ногаевци, во близина ан Градско. Во несреќата воз удрил во автомобил пежо 307 кој ја минувал пругата, а тројцата патници минале среќно без повреди.
Несреќата се случила околу 17,20 часот кога товарниот воз кој патувал од Гевгелија за Скопје на патнички премин кој е обезбеден ликовно со сообраќаен знак, и со сигнали звучна и светлосна сигнализација удрил во автомобилот во кој биле татко со два сина ,кој влегувал во селото.
Среќа е што возот удрил во предниот дел од автомобилот и трите лица минале без повреди, но преплашени. Местото на преминот е многу лошо, непрегледно, возот може да се забележи само кога ќе дојде на 50 –тина метри. Патниците тврдат дека не работела сигнализацијата, што ние од селото често можеме да го потврдиме. Воз нема по пол саат ама затоа светлата трепкаат и ѕвоното свири. Ова често се случува. Згора на тоа возот кој удри во автомобилот избега право во Велес, не застана. Моравме следниот кој доаѓаше за 10-тина минути со раце да го запираме, да мавтаме оти колата беше среде премин – велат жителите на село Ногаевци.
Од ЈП МЖ негираат дека сигналните уреди не работеле. Напротив биле во функција а тоа било докажано и пред увидните истражни екипи, кога следниот воз кој сообраќал на оваа линија, неговото доаѓање било најавено и светлосно и звучно. Од Итната помош во Велес изјавија дека во овој период немале повик за повредени од сообраќајна несреќа. На овој железнички премин изминатите години имаше повеќе железнички несреќи со човечки жртви. Последната беше на 20 јули 2012. Затоа селаните бараат да се постават рампи.
Ако на релацијата Велес - Гевгелија секојдневно минуваат најмалку 20 што патнички што товарни возови, дали е во ред вака фреквентен железнички премин да се обезбедува само со сообраќаен знак и светлосни уреди. Селото има околу 300 жители, ученици секојдневно го минуваат преминот, ние по неколку пати на ден заминуваме до селото, го носиме земјоделскиот род, има и Млекара во селото, така што надлежните итно треба да преземат мерки за да се постават рампи. Дали треба како жителите на Превалец да протестираме, се додека не се постават. Железница треба да го исчисти и зеленилото кое е по должина на пругата, многу е густо има бујна вегетација, оти од него ништо не се гледа, доаѓа ли воз или не – велат жителите на село Ногаевци.
Од СВР Велес го потврдија настанот и велат дека работат на утврдување на причините за несреќата, во која има само материјална штета.
Tweet |