речник контакт

Возачот кој извози 10 градоначалници

Бибецот сега му се посвети на пешачењето и планините, откако 40 години беше во кола

Петар Печков

Тој ги возеше првите луѓе на градот од 1974 до неодамна

Трајче Хаџи Арсов Бибецот е шоферот кој од далечната 1974-та година започна да ги вози велешките градоначалници и таа обврска ја имаше се до неодамна, додека не се пензионира. Мина 40 години работен стаж возејќи ги по рамни или помалку квалитетни патишта, сите градоначалници на Велес за овие четири децении. Не знае колку илјадници километри има минато, но го знае секој сокак, секоја уличка во градот. Ги има минато патиштата во општината некои и по илјадници пати, некои и помалку.

- Возев и по макадам, и по земја и по асфалт, некаде имаше дупки, некаде беше рамно. Цел работен век бев во друштво со сите градоначалници на Велес овие 40 години. Останаа спомените, сега кога сум пензионер оставам впечатоците да се слегнат. Но и натаму за мене кога ќе се сретнам ги ословувам градоначалниче, тоа остана во душата – вели Трајче, кого вработените го викаа Мајче, како најстар вработен во локалната власт. Најмногу возел по патиштата на поранешна Југославија, по нејзиниот распад возел и до Романија, Бугарија, Унгарија, Австрија, до градови кои се збратимени со Велес. Последната поголема дестинација е братскиот град Силистра во Бугарија. Добро ги помни сите градоначалници кои ги возел, но и автомобилите со кој управувал. Првиот автомобил бил фолксваген буба, па следеле ПЗ 128, рено 30, пежо 604, мерцедес 220, Цитроен Ц 5, Цитроен Ц 3. Боите биле две бели и црни. Непишаното правило било и останало до денес, градоначалникот секогаш седи назад на десното седиште. 

- Сите без исклучок го почитуваа правилото, да не се разговара со возачот. До пред две децении претходните градоначалници беа страстен пушачи, во самостојна Македонија тоа е некоја одлика, сите без исклучок беа непушачи – додава Хаџи Арсов. Тој неговиот работен стаж го започнал во далечната 1974-та година во времето на Варналиев. Иако добро возел автомобил, му дале да управува булдожер во близината на село Извор ама тешко одело, никако да го погоди правецот лево и десно и од тогаш не се разделил од автомобилот. Вели дека не е казнуван, оти секаде каде и да вози и во Македонија и странство ги почитува сообраќајните знаци, правила и прописи, така што немал контакти со сообраќајната полиција. Сега кога го остави воланот, тој се враќа на неговата голема љубов планините и пешачењето.

- Се изнавозев цел живот, затоа сега ќе пешачам. Страстен љубител сум на планините и повеќе време минувам со сопругата, шетајќи по нив. Се уморив од возење, време е да минам дел од животот одејќи пеш – објаснува Бибецот, како што поголемиот број велешани го познаваат. Тој во неговиот работен век ги возеше Александар Варналиев, Стеван Ќулумов, Ристе Ристевски, Трајче Џалев, Лилјана Бојаџиева, Трајко Пренџов, Ордан Николовски, Аце Коцевски, Горан Петров и Славчо Чадиев. Воланот го остави во сигурни раце на возачот Тодорче Поп Златанов кој веќе три години успешно го заменува.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »