речник контакт

Волонтерите од Општинскиот Црвен крст во акција за помош на ранливите категории семејства

Се помогна на пет семејства да имаат подобри услови за живот

Петар Печков

Младите волонтери при Општинскиот Црвен крст Велес, изминатиот период реализираа пет  проекти, со кои директно помогнаа на пет  семејства да имаат подобри услови за  живот.

Првиот проект е ,,Поубав дом за Димитрула,, со кој се помага на 51-годишната велешанка Димитрула Дерменџиева која живее во трошна куќа, без речиси никаков мебел и покуќнина.  Волонтерите на Црвен крст на Република Македонија Општинска организација Велес обезбедија поликолор со кој се обели собата во која таа живее. Потоа го исфрлија целиот мебел и донесеа кревет, тросед, фотелја, тепих, а маса со четири стола и кујнски прибор обезбедени од донатор. Како завршница на проектот во салата „Бели Мугри“ се одржа хуманитарна претстава „Плодна година“ од драмската секција на велешката Гимназија. Со собраните средства се купи храна, средства за хигиена, по барање на Димитрула и јајца и боја за достоинствено да го помине празникот Велигден. 

Како дел од проектот „За сите деца да биде сонце“ шестмина млади волонтери на Црвен крст на Република Македонија Општинска организација Велес, кои се дел од програмата „Промоција на хумани вредност 2019“ го разубавија домот на семејството Нафизовски во село Мелница. Во изминатите два месеци волонтерите работеа на проектот со кој имаат за цел да им ги подобрат условите за живот во домот на четиричленото семејство кое живее во супстандардни услови.  Кај семејството Нафизовски се однесоа фрижидер, два пакети со храна, пакет со училиштен прибор, детска облека, а благодарение на донација од една наша сограѓанка и маса со столови, кревет, две фотелји, пакет играчки и мали шкафчиња.

Под исто сонце – проект за меѓуетничка интеграција, кое го реализираат волонтерите на Црвен крст на Република Македонија Општинска организација Велес со учениците од ООУ „Свети Кирил и Методиј“ и Подрачното училиште во село Црквино. Бариерите помеѓу учениците од Македонска и Бошњачка националност ги срушија со работилници: Еко интегриран ден, Религијата на моето другарче, Храната што јас ја сакам – сакам да ја пробаш и ти, Научиме да говорам како тебе, Квиз – обичаи, Запознавање со работата на Црвен крст и Фудбалски ден. На сите овие работилници учениците работеа заедно, се дружеа и се забавуваа. Проектот ќе заврши на трети мај кога во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ ќе се одржи хуманитарна манифестација со продажба на традиционални специјалитети подготвени од Клубот на пензионери при Општинската организација на Црвен крст и од родителите на учениците од подрачното училиште во село Црквино. Со собраните средства ќе се купи помагало за истото училиште кое ќе им служи на учениците во наставниот процес.

Четвртиот проект е подобрување на социјализацијата на лицата со посебни потреби и поттикнување на креативноста на оваа категорија на граѓани.  Во изминативе два месеци, во март и во април волонтерите одржаа низа работилници, дружења и средби со лицата во Дневниот центар. На 24 април ПХВ тимот ја одржа традиционалната Велигденска работилница на која заеднички се фарбаа јајца во сите техники и бои.

Петтиот проект е ,,Сите заедно за баба Цава,,. Тим од млади волонтери реши да се вклучи во акцијата за подобрување на условите за живот на Славица Димовска, според нив најнискиот човек во државата, која живее во населба Чашка. Младите волонтери ја посетија со намера да и однесат бојлер, кој таа во претходно го посочи како најголем проблем. Но бојлерот веќе беше таму дониран од страна на Општина Чашка. По таа посета тимот на волонтери оствари средба со Градоначалникот на оваа општина и беше договорено да се направи поголемо реновирање на куќата.  Младите од Вцрвен крст веднаш ја започнаа потрагата по градежни материјали. Барање за донација се упати во многу компании. Позитивен одговор добиле од „Атлантис инвест груп“ кои донираа плочки за комплетно опремување на бањата и од МХЕ Тополки кои донираа цемент во вредност од 6 000 денари. Исто така обезбедено било и кујнско бојлерче од донација на наши сограѓани.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »