Петар Печков
Објавено: вторник, 25 септември 2012
Стотина примероци на накит стар и до два века е изложен во велешкиот Ликовен салон. Тој е сопственост на Народниот музеј од градот и за прв пат е достапен на јавноста, досега бил чуван во депоата. Посетителите имаат единствена можност да го видат накитот на нивните предци, кои тие го носеле за свечени моменти. Повеќето од вредните предмети потекнуваат од крајот на 19-тиот век а ги има произведени до средина на 20-тиот. Пафти, филиграни, ланци, прстења, обетки, сите украсни детали кој македонскиот народ ги носел за разни веселби, крштевки, свадби, имендени, слави, изминатите два века. Уникатната изложба на волшепството на стариот накит именувана е ,,Сјајот на накитот,,.
Изложените предмети се од велешко, кои се создавани од средината на 19-тиот век и се до средината на 20-тиот век. Изработени се од различни материјали, најчесто сребро и негова легура. Користени се и сребрени пари, кои биле исфрлани од употреба, турски, српски, бугарски, па нашиот народ корисно ги употребувал. Го декорирал накитот со нив. Има некои предмети се и од злато, но тие се малку, оти нивните сопственици ги имаат претопено поради вредниот метал – вели Светлана Ѓоргиевска виш кустос етнолог од Народниот музеј во Велес, автор на изложбата.
Претставени се павти кои тогаш служеле како колани, пафти за на гради кои ги користеле мажите и жените, ланчиња за на гради и околу врат, обетки, менѓуши кои се носеле на шамиите, накит кои се носел на глава, брошеви од филигран,белегзии, прстења, тепелуци, украсни крстови и амајлии. Интересно е што дел од изложените прстења се со печат, мур, бидејќи нивните сопственици биле неписмени па ги користеле како потпис.
Цел овој накит зборува за културата и богатство на нашиот народ, кој и покрај тешките услови имал желба да се кити. За жал се потешко се доаѓа до вакви вредни предмети или ги нема или имаат многу висока цена кај тие што ги поседуваат. Во поблиското минато накитот не бил атрактивен па тогашните сопственици го фрлале и не знаејќи каква културолошка и етнолошка вредност има. Овој накит има поголема вредност во странство отколку кај нас. Тие повеќе ја цената нашата култура отколку ние самите. Со зголемувањето на економската моќ на населението во минатото се јавува и зголемен интерес за филигранот и брошовите. Тогаш тие се краселе со драги камења, најчесто црвени или сини – објаснува Ѓорѓиевска.
Накитот е изработуван од кујунџии, златари, кувенџии. Тоа пак зборува за занаетите кои ги имало на овие простори и економската моќ на населението. Повеќето предмети се откупени од постари велешки семејства и од побогатите села во околината. Сите потекнуваат од времето на првиот директор Томе Груев. Изложбата трае до крајот на месецов.
Tweet |