Петар Печков
Објавено: недела, 28 јули 2013
Еднаш Толстој му рекол на Горки: „Човекот преживува земјотреси, епидемии, страшни болести и најразлични душевни маки, но во сите времиња најмачната трагедија била и ќе биде трагедијата на спалната.“ Другпат, во друга пригода и во присуство на Чехов, изјавил: „Јас ќе ја кажам вистината за жените кога ќе бидам со едната нога во гробот. Ќе ја кажам, ќе скокнам во ковчегот, ќе го треснам капакот – и ела тогаш фати ме!“.
Се оженил на триесет и четири години со осумнаесетгодишната Софија Андреевна Берс, докторска ќерка. Уште при првата брачна ноќ, кога Софија заспала, се измолкнал од постелата и во својот дневник, што го водел веќе полни шеснаесет години, запишал: „Тоа не е тоа! Таа не е таа!“ Подоцна, на осумдесет и две години, бегајќи од неа, умрел на Железничката станица во Астапово.
А, можете ли да замислите некој на рака осумпати да го препише романот „Војна и мир“. Осум пати на рака со перодршка да се препишат оние стотици и стотици страници текст. Софија Андреевна не само што толку пати го препишала, туку препишувајќи тајно го редактирала. Во овој роман таа внела илјада осумстотини педесет и пет поправки. И тоа не само поправка на зборови, туку и на цели реченици. Исто така, во „Ана Каренина“ направила деветстотини корекции, а во „Воскресение“ повеќе од петстотини. Се разбира, Толстој не знаел за поправките, како што не знаел дека таа тајно го чита неговиот дневник. А во него можела да прочита, меѓу другото и ова: „Денес пак ја поткачив Маша. На нејзиниот маж му подарив коњ“.
Тоа го запишал на шеесет и седум годишна возраст и, можете да замислите, какво било тоа „поткачување“. Маша жива и здрава, а нејзиниот сопруг со подарен коњ. Неколку години по оваа епизода со коњот, Толстој бил анатемисан од црквата, не поради Маша, се разбира, туку како еретик и вероотстапник – слуга на ѓаволот.
Во почетокот на 1908 година, научникот Едисон му испратил подарок-фонограф и, што мислите, за кого го снимил својот глас – за да им остави спомен на децата и на Софија? Не, се разбира. На фонографот снимил писмо-обраќање до својата балдаза Татјана Андреевна Кузминскаја. Дали имало нешто меѓу нив двајцата, знае само Господ, но познато е дека оваа палава убавица е вечната Наташа Ростова. Всушност, опишуваќи ја Наташа Ростова, Толстој мислел на Татјана Андреевна.
Дури и на својата Софија по грешка често и го заменувал името со Татјана. Од друга страна, четири недели пред да се ожени, во дневникот запишал дека е вљубен во слугинката Анастасија Базикина. Десетици страници во дневникот и се посветени само нејзе. Се разбира, факт е дека ја „плеснал“ и Базикина во бујната трева, во мај, во време на весели чучулиги и расцутен афион.
Само еден месец по свадбата, Софија Андреевна, неговата шеснаесет години помлада сопруга, го коментира токму тој дел од дневникот на писателот во својот дневник: „Вљубен е како никогаш! А таа е најобична селанка, дебела, бела, ужасна!“ Во нејзиниот дневник никаде не се спомнуваат подоцнежните гласини дека Тимотеј, синчето на Анастасија, личи на Толстој како да е копиран.
Како и да е, девет месеци и пет дена по свадбата, на 23 јуни 1863 година, Софија Андреевна го раѓа нивниот прв син, Сергеј Толстој. Потоа следуваат: Татјана, Илја, Лав, Марија, Петар, Андреј, Михаил, Алексеј, Александра и на крајот, во 1888 година се раѓа Иван. Тогаш веќе Толстој имал 60, а Софија 44 години. Иван е бебе, а неговиот најстар брат Сергеј има полни 25 години.
Навистина е фасцинантно како Софија Андреевна, сопругата на Толстој, покрај толку деца наоѓала време, на пример, осум пати да го препише огромниот роман „Војна и мир“. Децата постојано биле околу неа. Кога едно ќе се разболело – се разболувале сите, а таа со денови и ноќи била на нозе. Дури таа бдеела крај децата, Толстој и се фалел дека „сите ликови му функционираат“. Сепак, за да и ја олесни работата, назначува управник на имотот во Јасна Полјана.
Но, за жал, управникот имал убава жена. Софија, се разбира, постојано ја надгледува, а го надгледува и својот маж, истовремено препишувајќи ја „Војна и мир“. Препишува и се кине од внатре. И да е само жената на управникот! Тука е и гувернантката, госпоѓицата Хана Терсеј. И нејзе Софија и е љубоморна; си ја знае својата стока, што би рекол дедо ми. Токму за гувернантката, Толстој и Софија не зборуваат од 29 август до 16 септември.
Кон крајот на 1890 година, Толстој почнал да ги крие, односно да ги заклучува своите дневници. Очигледно дознал дека таа ги чита. Софија тогаш во својот дневник ќе запише: „Ми иде да се самоубијам, да избегам некаде, да засакам некого – да направам што и да било, само да не живеам со човекот кој, независно од се, цел живот сум го сакала, иако сега гледам колку сум го идеализирала...“ Следните пет години поминуваат во чести конфликти. Неколку пати таа бесна и очајна од постапките на Толстој, сака да избега од дома, но плачот на децата секогаш ја задржува. Во 1898 година во дневникот ќе забележи: „Му требаше пасивна жена, здрава, неписмена и лишена од секаква волја“.
Софија: Јас испив отров!
Според Душан Петрович Маловецки, Толстој одлично го владеел англискиот, францускиот и германскиот јазик. Исто така читал на италијански, полски, чешки и српски, а знаел и грчки, латински, украински, татарски и црковнословенски, изучувајќи ги во меѓувреме и староеврејскиот и турскиот јазик.
Во своите спомени, Маловецки, Словак, лекар по професија, кој во 1904 година живеел во домот на Толстој, ќе запише: „Завчера Софија пак му направи сцена на Лав Николаевич – му легна пред нозете и ги бараше клучевите од сефот во банката, каде што се дневниците и тестаментите. Тој и рече дека не ги дава. Малку подоцна, кога тој минуваше покрај нејзиниот прозорец, Софија Андреевна се појави извикувајќи: „Јас испив отров!“ Лав Николаевич истрча горе кај неа, а таа го пресретна со зборовите: „Јас воопшто не мислев да пијам отров, те излажав!“
Сепак, на крајот Софија ја губи битката. Тоа се случува на 28 октомври 1904 година. Тоа утро, точно во пет часот, Толстој, заедно со доктор Маловецки, скришум од Софија, ја напушта Јасна Полјана. Неговата ќерка Александра, која му помогнала да го спакува куферот, подоцна ќе се сеќава на сликата кога татко и со свеќа во рацете дошол да ја пробуди: „Лицето му беше светло, и решително, прекрасно“, ќе запише таа. А тој веќе бил старец од 82 години. Истото утро, малку подоцна, кога разбрала дека тој избегал од дома, Софија Андреевна истрчала од куќата и се фрлила во блиското езеро. Сепак, двајца од слугите успеале да ја спасат.
Лежејќи дома во својата затемнета соба, пет дена воопшто не јадела. На третиот ден од заминувањето на Толстој, во Јасна Полјана стигнала телеграма во која пишувало дека Лав Николаевич лежи болен во Астапово со температура од 40 степени. Иако слаба и немоќна од гладувањето, Софија, заедно со синот Андреј и ќерката Татјана, веднаш заминува за Астапово. Но, за жал, предоцна - Толстој веќе бил мртов. Во воздухот над Астапово останува да виси реченицата од дневникот на Софија: „Пред смртта и по смртта нема ништо поважно и понеповратно од бракот“.
Софија Андреевна проживеала точно девет тажни години по смртта на Толстој. Пријателите на семејството ја одбегнувале, а децата не просперирале во животот. Од друга страна, непрекинато се грижела за посмртната слава на својот сопруг. Со надеж за прочистување на душата, но и со се уште незгаснатата љубов кон Толстој, ја доживува револуцијата во 1917 година. Сред комунистичката еуфорија го губи целиот имот што со мака го одржувала, но сепак, советската власт за возврат и определува висока лична пензија.
Максим Горки на едно место во своите спомени вели дека Толстој бил најсложениот човек од сите големи луѓе на векот, а улогата на Софија Андреевна како пријател, сопруга, мајка на многу деца, свекрва на многу снаи, баба на многу зетовци и внуци – била многу тешка. Всушност, самата таа, три година по смртта на Толстој, ги моли блиските да се однесуваат со внимание кон неа, затоа што „претешко и било бремето врз слабите рамена откако во својата осумнаесетта година му станала сопруга на генијалниот и голем човек“.
А тој човек во својот дневник ќе запише: „Главната причина за семејните несреќи е тоа што луѓето се воспитани да мислат дека бракот дава среќа. Бракот не само што не е среќа, туку секогаш е страдање со кое човекот плаќа за половите желби, поднесувајќи ги сите духовни и физички пороци на сопружникот – злобата, глупоста, лагите, суетите, пијанствата, мрзата, користољубието, развратта и скржавоста, но и грдоста, нечистотијата на телото, лошата миризба, грчењето, раните, менталното здравје... Сето тоа не само што треба да се истрпи,туку треба и да се истрада како да се свои пороци”.
Романот „Ана Каренина“ почнува со реченицата: „Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго; секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“ Тоа го напишал Толстој, но никој не знае што има тука поправено Софија Андреевна. А во тој роман, таа внела точно деветстотини поправки, без да знае авторот!
Tweet |