Петар Печков
Објавено: среда, 10 јули 2024
Хеликоптерот на МВР, откако неколку часа учестуваше во локализирање на пожарот кај Венуле е препратен за пожарот кај Пепелиште, па сега го гаснат само пожарникарите на ТППЕ Велес и Кавадарци. Вработените од ШС Бабуна одбиле да учествуваат во локализирањето.
„За пожарот кај Венуле се известени ЈП Македонски Шуми ШС Бабуна – Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале гориво за возилата, истите не биле исправни и регистрирани возила, тие не излегуваат на терен да го гаснат пожарот “ – соопшти Горан Стојановски од ЦУК. Со ваквата состојба била запознаена и Дирекцијата за заштита и спасување.
Заменик директорот на ЈП Македонски шуми Кире Михаилов ги оправдува вработените кои одбија да одат на терен и учествуваат во локализирњето на пожарот, кој е во велешко, кај Венуле.
Михаилов вели дека за жал состојбата е лоша во подружницата Бабуна во Велес каде сите возила за на терен се нерегистрирани, а единственото регистрирано возило дастер е расипано.
„Претходниот раководен тим здравствено не ги осигурал вработените, поради тоа оправдано е што вработените во тимовите за гаснење на пожари, одбиваат да гаснат пожари, бидејќи во случај да се здобијат со изгореници или други здравствени проблеми не ќе можат да се лекуваат. ЈП Национални шуми во подружницата Бабуна во Велес нема спремно ниту едно возило за терен. Воедно првично според сознанијата од терен од колегите од подружницата пожарот засега и не е во шумско земјиште, туку во неуредена површина“ кажа Михаилов.
Ова е одговор на Михаилов на обвинувањето на Горан Стојановски раководител на сектор за операции и координација во Центарот за управување со кризи, дадено за медиумите дека за пожарите во велешко биле известени Национални шуми подружница Бабуна Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале горива за возилата, истите не биле исправни и регистрирани и не излегуваат на терен да го гаснат пожарот.
Tweet |