речник контакт

Вработените во „Колска“ со жив штит ги сопреа утрово возовите на станица Велес, оти немаат земено три месеци плата (фото)

Бараат деблокирање на сметката, оти имаат работа, можат да го наплатат сработеното, но поради долг од еден милион евра УЈП ги зема сите средства кои се прилив

Петар Печков

Вработените во Фабриката  за шински возила „Колска“  од Велес, утрово го блокираа патничкиот железнички сообраќај, на станица Велес.  Возовите од Скопје за Битола и Гевгелија два часа беа сопрени со жив штит.  Причина се неисплатените три плати за последните месеци.  

„Штрајкуваме поради не исплатената плата од септември наваму, немаме здравствено осигурување. Три месеци летово бевме на 70 отсто. Работа имаме но ако го фактурираме сработеното и биде платено, парите веднаш ќе бидат одземени од  УЈП, бидејќи по нивно барање жиро сметката е блокирана. Бараме од Владата овој проблем да се реши, да се деблокира сметката“ - кажа Тони Арсовски, претседател на Синдикална организација на ССМ во „Колска“.

Вработените велат дека работат во лоши услови, без греење и без ХТЗ опрема а кровот од  работилницата прокиснува.  Фабриката за шински возила „Колска“ постои 105 години, таа е единствен ваков капацитет  во земјава, кој може да  поправа патнички и товарни вагони.  Во 2002-та, кога последен пат имало ново вработени,  биле  320 за денес таа бројка да изнесува 87.

„Овој проблем е стар 15-тина години. Просечна возраст на вработените е околу 60 години. Време е овој проблем конечно да се реши, бидејќи вака е неиздржливо. Работиме а не можеме плата за земеме“ - рече Борче Лесков, вработен во „Колска.  

Деведесетината вработени имаат работа, поправат товарни вагони на МЖ Транспорт и цистерни на компанијата ОИЛКО. Но секој прилив на средства на нивната сметка која е блокирана, го зема УЈП чиј должник се, за еден милион евра, неплатен ДДВ со години.  

Фабриката за шински возила „Колска“ е во државна сопственост и нејзините цени за поправка на вагоните се далеку пониски од тие на фабриките во Србија и Бугарија.,  Во текот на денешниот ден „Колска“ добила за поправка  15 товарни вагони од МЖ Транспорт и 14 вагони цистерни од „ОИЛКО“.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »