речник контакт

Врачена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за битолскиот актер Слободан Степановски

Добитникот бил спречен да допатува за Велес, па наградата ја прими неговата ќерка Викторија Степановска Јанкуловска, која претходно ја доби наградата за најдобра женска улога на Фестивалот на античка драма

Петар Печков

На завршната свеченост од доделувањето на наградите на Фестивалот на античка драма „Стоби“ , вчеравечер  без претходна  најава, беше доделена и актерската  награда за животно дело „Петре Прличко“.

Таа е  за минатата 2020-та година, која поради пандемијата со корона вирусот, не можеше досега да му биде врачена.   Лани во ноември, жирито во состав Сашо Димовски театролог, Деан Дамјановски театарски режисер и  Драган Миладиновски актер, одлучи од петте предлози, наградата да ја добие актерот на Битолски Народен театар    Слободан Степановски. 

Тој бил спречен да допатува во Велес, па наградата ја прими неговата ќерка, Викторија Степановска Јанкуловска, исто така актерка во Битолски театар, која ја доби наградата за најдобра женска улога на Фестивалот на античка драма.

„Денес е реткост да имаш свое јас.  Уште поголема реткост е таа големина да биде препознаена“ - порача Викторија Степановска Јанкуловска, во име на добитникот нејзиниот татко.

„Степановски како тимски играч,  истрча 43 години долга и пребогата кариера, маркирана со дури 90 одиграни ролји, Прличковец без дамка и задршка. Голем актер, достоен на  небесниот ктиторот на оваа награда“ - образложи  жирито во  одлуката за наградата.   

Наградата се состои од плакета „Петре Прличко“ и паричен дел од 30 илјади денари кои ги доделува Општина Велес. Таа вообичаено се доделуваше за Денот на Општината 9-ти Ноември.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »