Петар Печков
Објавено: среда, 27 октомври 2021
На пригодна свеченост одржана во големата сала на Општина Велес беше врачена уверението на новиот градоначалник - Марко Колев. Тој во свеченото обраќање се заблагодари на сите граѓани за дадената доверба.
„Функцијата градоначалник на Општина Велес ќе ја извршувам чесно, посветено,и ќе дадам се до себе да ја оправдам довербата. Време за губење нема, веднаш започнуваме со работа и реализација на ветените 213 проекти, дел од мојата изборна програма. Свесен сум дека нема да биде лесно, свесен сум за предизвикот, но само со напорна работа, трудољубивост и сплотеност ќе ги реализираме зацртаните цели. Да го направиме Велес поубаво место за живеење за сите нас“ - порача Колев. Тој е најмладиот градоначалник во историјата на градот со 37 години.
Досегашнио градоначалник Аце Коцевски кажа дека победата на Колев и волјата на граѓаните била јасна, недвосмислена и чиста. Тој на новиот градоначалник му го врачи симболично „клучот на градот“ и му посака многу успех во работата во следните четири години.
Тој испати порака до сите пратеници во републичкиот парламент, а кои биле пет на број, да помогнат во општината да стигнуваат повеќе пари од централната власт.
Колев упати и порака до советниците, да се носат одлуки во интерес на граѓаните, одлуки кои ќе сплотуваат, за доброто на градот.
До администрацијата во локалната власт, очекува повисок степен на извршување на работните задачи.
До вработените од ЈКП Дервен им порача дека граѓаните очекуваат почист, позелен и поубав Велес.
На изборите во Општина Велес на 84 избирачки места на 17-ти октомври, гласале 52,28 % или во бројки 23.992, од запишани 45.892 гласачи. Марко Колев, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доби 51,6% гласови од излезените гласачи.
Tweet |