Петар Печков
Објавено: сабота, 07 јануари 2017
Драги браќа и сестри!
Денес, на Божик, го празнуваме Рождеството Христово со голема љубов и торжественост во срцето, со искрена радост и благодарност во нашите души, зашто преку раѓањето и воплотувањето на Словото Божјо, нам и на целото Божјо создание, ни беше подарена нова блага вест, неслушната и неповторлива во историјата на целото човештво.
Неможно е да се достигнат Небесата без Божја помош и застапништво. Ние, луѓето, ограничени и обременети со грев, не можеме само со свои сопствени сили да го видиме Бога Онаков Каков што Е, во сета Негова совршеност и убавина. Затоа, човекољубивиот Бог, полн со совршена љубов и вистина, благоизволи да се спушти до нас, да стане човек, и преку таа возвишена тајна, да му даде можност на секое човечко создание да се воздигне и да се уподоби на Бога.
Христос ни го посведочи смирението и Божјата љубов, и истовремено ни овозможи да разбереме колку можеме да бидеме велики и колку е длабока и спасоносна Божјата промисла. Ние, сега можеме да го гледаме светот во кој живееме не како мртов материјал, а како нешто што е повикано да се преобрази и да стане видлива потврда за силата Божја.
Верни чеда на Македонската православна црква!
Доблестите на љубовта, трудољубивоста, трпението, почитта кон другиот, вистинската просвета и духовниот напредок, што како народ ги бевме примиле и научиле од св. Климента, се вечни вредности врз кои почива светот. Ние сме генерација која треба да ги дополни и да изгради нови човечки и житејски вредности, кои ќе ги стави во духовната ризница на нашиот македонски народ и со радост и љубов ќе ги пренесе на нашите идни генерации. Во овие тешки времиња за нашиот народ и за нашата татковина, божикните празници и нивната длабока духовна смисла, да ги искористиме како одлична можност за сопствено преиспитување, преумување и умудрување. Божикниот период е вистинското време за престанок на омразата и за надминување на сите меѓусебни поделби. Божик 2017-та нека биде нов почеток во нашите животи. Време е да си подадеме рака и конечно да се сплотиме како македонски православен народ. Доволно се имаме нагледано, и ние и нашите предци, рушење и страдање предизвикано од меѓусебна нетрпеливост, омраза и неразбирање. Гарант и подлога за секој национален успех е токму народното единство и меѓусебното почитување. Дојдено е времето кога ќе треба да се надминеме себе си и својата себичност и ќе мораме да ја извојуваме духовната битка против поделбите, омразите и недоразбирањата. Мораме да имаме предвид дека скапо сме платени и ние и нашата слобода. Во овие моменти важен е поединецот, но поважно е општеството. Македонија била, е и ќе биде наша единствена радост и наша единствена татковина. Со силата на воплотениот Христос, преку застапништвото на Неговата Света Мајка - Богородица и по молитвите на Свети Климента и на сите македонски светители да ги усвоиме сите спасоносни добродетели и заедно како народ Божји, во радост, мир и благосостојба да ги поминеме Божикните празници и со нови духовни сили, преобразени и духовно очистени, да влеземе во новото 2017-то лето Господово.
Христос се роди, навистина се роди!
Tweet |