Петар Печков
Објавено: вторник, 25 април 2023
Дел од времените објекти во Велес се грда слика. Со години се надвор од функција, руинирани. Ги има на различни локации, делови од градот. Оваа проблематика предизвикува внимание и актуелност кај граѓаните. За ова на последната седница реагираа и советниците и од власта и од опозицијата, Игор Смилев и претседавачот Зоран Љутков. Градоначалникот Марко Колев најави дека се работи на решение за овој проблем.
„Имаме започнато постапка за избор на фирма, која ќе направи програма за времени објекти. Со неа ќе се одредат времените објекти кои се потребни во градот Велес. Архитектите ќе предложат две- три решенија, како да изгледаат тие што се потребни да постојат, да бидат унифицирани, типизирани и прилагодени на времето во кое живееме. Таа програма ќе дојде пред Советот, каде ќе се дефинира кои времени објекти се потребни, кои не. По ова ќе започнеме со отстранување на тие што нема да влезат во програмата и се грда слика за градот“ – кажа Колев.
Општината во 2013-та најави дека ќе започне со отстранување на диво поставените времени објекти, но и напуштените согласно динамиката на работа и потребите на градот. Тогаш се тврдеше дека по повеќе годишна пауза склучен е договор со фирма од Скопје, која требаше да ги дислоцира времените објекти. Но ниту еден времен објект тогаш не се дислоцира.
Во 2015 Советот на Општина Велес донесе план за урбана опрема, со кој се стандардизираат нивните изгледи, регулираат локациите и начинот на издавање. Тој пропишуваше дека овие времени објекти можат да бидат само киосци за весници и цвеќари. Но овој план не беше применет.
Tweet |