Петар Печков
Објавено: среда, 12 ноември 2014
Никако да започне втората фаза од санацијата на покривот на велешката Спомен костурница. Во декември минатата година се извршија потребните заштитни мерки. Тоа беше прва фаза од поправката на покривната конструкција бидејќи прокиснуваше и го оштетуваше мозаикот, дело на Петар Мазев. Со неа привремено се запре оштетувањето на внатрешноста на Спомен костурницата и мозаикот.
Работите ги изведуваше фирмата „Синтекс“ преку Националниот конзерваторски центар од Скопје, со средства од Министерството за култура. Санацијата се вршеше на површина од 900 м2. Водата која преку мали, ситни отвори преку годините влегувала во кровот, од зимата и ниските температури го разјадувала материјалот, доаѓало до оштетување и до создавање на поголеми процепи.
Но, втората фаза, хидроизлолација за целосна заштита на Спомен костурницата најавена за изминатата пролет годинава не се изведе, а поради тоа сега покривот од есенските дождови, повторно прокиснува и е загрозен мозаикот на Петар Мазев.
Марин Клифов од Народниот музеј од Велес кој управува со Спомен костурницата изјави дека за оваа втора фаза од санацијата ги очекуваат најавените средства од Министерството за култура и дека потоа санацијата веднаш ќе биде изведена.
Мозаикот на Мазев е најголем во земјава со површина од 220 квадратни метри. Тој претставува композиција од пет слики преку кои авторот ја прикажува македонската епопеја од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни, па се до НОВ, а направен е од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои.
Спомен-костурницатаво Велес е изградена пред 35 години, во 1979 година и е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и на архитектот Саво Суботин од Нови Сад, Војводина. Во специјален простор во неа се чуваат и посмртните останки 87 загинати борци од Велес и велешко од НОВ, меѓу нив и на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Спомен-костурницата во Велес беше санирана во 2003 година за што беа потрошени 100 илјади евра обезбедени преку Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а изведувач на работите беше Градежниот институт од Скопје. Но не цела година потоа, покривот повторно прокисна. Иако гаранцијата на изведувачките работи беше две години, изведувачот по реакциите од Народниот Музеј од Велес за неквалитетно извршена работа не интервенираше.
Tweet |