Петар Печков
Објавено: вторник, 21 декември 2021
За жителите на северната хемисфера, денес, 21 декември дојде зимата, во 16:59 часот. Истовремено на јужната хемисфера на Земјата започна летото. Тие ќе завршат на 20-ти март 2022 година, или зимата кај нас ќе трае 89 дена. Пред нас е најдолгата ноќ, во Велес ќе трае цели 15 часа и 51 минута, сонцето зајде во 16:05 а ќе изгрее в среда во 06:56.
УХМР со прогноза за зимата 2021/2022. Се очекува да биде со малку натпросечни температури и количини на врнежи во однос на многугодишниот просек 1981-2010 година, покажува сезонската прогноза на УХМР изработена врз основа на анализите на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF), Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и други светски прогностички центри.
Очекуваните влијанија од позитивните отстапувања на температурата на површината на морињата во последните неколку месеци укажуваат и на пораст на температурите на воздухот, како на поголемиот дел од Европскиот континент, така и на тeмпературите на воздухот во Северна Македонија.
Температурите на воздухот во земјава за период декември 2021 – јануари 2022 – февруари 2022 имаат поголема веројатност да бидат натпросечни, со позитивно отстапување од околу 2 степени Целзиусови од многугодишниот просек.
фото архива
Tweet |