Петар Печков
Објавено: понеделник, 15 јуни 2020
Реката Вардар низ Велес денес смрдеше на нафта а по ена пловеа големи темни дамки. Уште од раните утрински часови први реагираа рекративците кои трчаат низ Градскиот парк, Тие први алармираа за состојбата. Објаснуваа дека досега немало ваква миризба и толку нечистотија по реката.
Не се минеше низ паркот, толку мирисаше на нафта, како да истекла цела цистерна.
По површината пловеа темни дамки. Не забележав дека има угинато риба, но по брегот имаше црни наслаги - вели рекреативка, кој во 7 часот била да спортува.
За еко-инцидентот се јавија и од велешка Маслодајна и од локалната власт. Но нивните реакции со спротивставени ставови, околу количеството мазут истече и дали тој завршил во реката.
Неделата во 10:40h од надлежната служба за обезбедување во ПИ,,Благој Ѓорев‚‚ АД Велес бевме известени дека истекува мазут надвор од дворното место. Веднаш беа известени одговорните лица со цел спречување од понатамошно излевање. Во текот на целиот настан беше присутна полициска служба која што го регулираше сообраќајот. Официјално, преку телефонски повик беа известени и надлежните служби на општина Велес во 11 часот. Количината мазут која што излегла на улица е не повеќе од 300 кг. согласно визуелните проценки. Веднаш настапи екипа која што изврши покривање на мазутот со сончогледово ќоспе, со цел да не настане излевање на мазутот во шахтите на улицата. Количината на мазут и ќоспе е исчистена и префрлена во трактор- пишува во соопштението.
ПИ ,, Благој Ѓорев‚‚ АД Велес изјавува дека нема излеано количина на мазут директно во одводен канал согласно претходно објаснетата ситуација. За тоа имаме испратено и соодветни фотографии. Надлежна служба ,,Дервен‚‚ извршила перење на улицата Алексо Демниевски во вечерните часови.
Потоа тие даваат опис како се случил настанот.
Во погонот ,,Котлара‚‚ се наоѓа мало котле со капацитет околу 100 л кое што служи за кружење на мазутот кој се користи како горивно средство за потребите на фабриката. Во котлето е вграден греач кој служи за одржување на температура на мазутот. Причината за излевање на мазутот е поради пукање на греачот кој што се наоѓа на горниот дел од котлето. Понатаму мазутот се влева во прифатен базен кој што е во склоп на погонот, а потоа во канал кој што води во дворот на фабриката. Понатаму постои уште еден прифатен базен - кој е физички оддалечен од уличните канали за отпадна вода, кој би спречил директно излевање на мазутот надвор од кругот на фабриката, но во случајов поради временските услови дел од него бил полн со вода, па мазутот бидејќи е полесно средство од водата испливал на површина и се прелеал преку оградата.
Денес на прес конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски информираше, како што нагласи за хаваријата што вчера се случи во Маслодајна.
Последиците од вчерашниот инцидент ги почувствуваме денес. Според информациите кои ги добивме на лице место, се работи за хаварија на резервоарот на мазут, предизвикана од системот на одржување на температурата, по што се излеала количина од околу еден тон мазут. Тој требало да биде евакуиран во резервниот резервоар, но бидејќи тој бил така голем, дел од мазутот, по сливниот канал одредена количина завршила на улица. Таму има решетка и нашите претпоставки се дека низ таа решетка која прифаќа атмосферски води, дел од мазутот завршил во реката Вардар. На местото на инцидентот имаше дел од вработените, кои истуриле ќоспе , кое требаше да ги впие мазутот а потоа се товараше во тракторска приколка. Во вечерните часови ЈКП Дервен ја испра улицата, оти мазутот е опасен на коловозот, по учесниците на сообраќајот, предизвикува лизгање. Жал ми е што екипите на крим-техника одлучиле оти не е предизвикана штета, да се направи увид и да се документира настанот - изјави Коцевски. Додаде дека не може да се соопшти колку мазут истекол на улица и за настанот ќе испрати информација до велешкото обвинителство, затоа да постапи натаму . Тој нагласи дека ова е петти еко-инцидент во година и половина од овој капацитет, кој се уште е во постапка за добивање на „Б“ еколошка дозвола.
Tweet |