Петар Печков
Објавено: петок, 24 јули 2026
Гемијата чамец кој пловел по Вардар пред век и повеќе, кој како реплика беше изработен 2014 година, треба да биде поставен во Вардар во центарот на Велес и да биде туристичка атракција. Ова го предлага Ангелче Гушев, кој преку Извидничкиот одред е организатор на Вардарската регата, за чии потреби беше изработена гемијата пред 12 години. Гемијата била чамец со кој велешките трговци ја пренесувале стоката по Вардар до Солун.
„Потребно е гемијата да се постави кај Мало мовче и да биде понуда за туристите. Со неа да има уште две други за да може по Вардар гостите, туристите да запловат и градот да добие нова туристичка атракција, нова оригинална понуда. Треба да ја шириме приказната за велешките трговци кои уште во 19 век ја продавале стоката со гемија по Вардар“- вели Гушев.
Стево Коневски заедно со Мето Ѓоргиев ја изработија гемијата во пролетта 2014 година, по нацрт на Љупчо Данов. Долга е 5,5 а широка 2,6 метри, тешка еден тон. Може да прими осум лица, од нив двајца веслачи. Таа се чува во објект заштитена од времето, не се користи, бидејќи е тешко да се плови по Вардар со неа, да се транспортира назад за Велес. Има двојно дно за да ја заштити од продирање на вода а во меѓу просторот има слој на стиропор. Поставени се и две клупи за седење.
Гемијата во првата половина на 19-ти век ги заменила карваните со роба, која се превезувала од Велес до Солун. Овие чамци до таму пловеле за 3 до 5 дена. Првите вакви гемии се регистрирани околу 1830-та година По пристигнувањето во Солун, тие се растурале и продавале како дрво за греење, бидејќи било неисплатливо да се враќаат за Велес.
Со пуштањето на железничката пруга Солун- Велес во 1873 година железницата станала побрз и поефикасен начин за транспорт на стоките и пловењето полека замирало.
| Tweet |





