Петар Печков
Објавено: четврток, 28 март 2019
Марко Инѓилизов и Викторија Панова ќе ја претставуваат нашава земја на финалето на Европскиот квиз на парите, што ќе се одржи на 7 мај годинава во Брисел, Белгија. Двајцата се ученици од прва година од гимназијата „Кочо Рацин” од Велес, имаа најдобри резултати на националното финале, што се одржа денес на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во конкуренција на своите врсници од целата држава. Нивен ментор беше професорот Марјан Стојановски.
Европскиот квиз на парите за првпат се одржува кај нас, при што учество зедоа над 3.000 деца од основните и средните училишта. Неговата основна цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.
Иницијатор на ова натпреварување во земјава е Македонската банкарска асоцијација којашто го организира квизот во соработка со Народната банка, Министерството за образование и наука и Комисијата за хартии од вредност.
Второто место го освоија Марија Стојаноска и Димитар Дукоски од ООУ „Блаже Конески” од Прилеп, а третопласирани се Петар Живковиќ и Марија Коруновска од ООУ „Елпида Караманди” од Битола.
Им честитам на победниците и со нетрпение ќе очекуваме добри вести и по финалето во Брисел“ ‒ истакна претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.
Tweet |