Петар Печков
Објавено: петок, 12 февруари 2016
Вработените и учениците на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес, со почит и гордост, ги одбележуваат значајните јубилеи. Така годинава тие слават значаен јубилеј, одбележуваат 70 години од отпочнувањето на настава на македонски јазик. Во учебната 1945/ 1946 година се создале потребните услови и наставата на мајчин јазик во велешката Гимназија, отпочнува редовно во сите осум класа.
На тој начин биле остварени стремежите на многу генерации Македонци да учат и да творат на својот мајчин јазик. Денешните ученици на Гимназијата на достоен начин го одбележаа овој значаен настан од историјата на училиштето.
Во пригодната програма се цитираа мисли за големината и значењето на мајчиниот јазик од основоположниците на современиот македонски јазик: Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески. Се исполнија музички композиции инспирирани од љубовта кон татковина и јазикот.
Ова чествување беше збогатено и со гостувањето на писателката Виолета Танчева Златева. Таа е добитник на престижната награда Браќа Миладиновци за 2015 година. Беа читани стихови од наградената стихозбирка „Година без лето“.
На одбележувањето на јубилејот директорот на „Гимназија Кочо Рацин“, Сашко Андреевски, им врачи благодарниците на учениците кои за одбележувањето на Денот на училиштето, ја подготвија и ја изведоа театарската претстава „Дома“ од Људмила Разумовскаја.
Tweet |