речник контакт

Глувци го сардисаа центарот на Велес

И надлежните се согласуваат дека е потребна акција против овие глодари. Тие се појавија со рушењето на дел од хотелот Интернационал

Петар Печков

Граѓаните од центарот на  Велес реагираат за присуство на стаорци. Тие велат дека се капиталци, толку големи биле примероците кои ги забележуваат.  Ги имало наутро а мртвите  можат да се  видат по јавните површини во овој   дел од  градот. Станарите од околината стравуваат од можна зараза, оти мртвите примероци  се опасност за  соседството.

Кога доаѓаме наутро на работа околу шест наутро во  овој парк  има стаорци, си шетаат. Може има и десетина. А зад зградава   има три мртви, стојат со денови. Ова е зараза. Треба итно да се преземе некоја акција – велат продавачите од околните  продавници кои се сведоци на присуството на  стаорците. 

На нив  укажуваат и станарите од  првите броеви на улицата  Архиепископ Михаил, тврдејќи дека наездата е од хотелот Интернационал,  кој  подолго време беше руина, сега се реновира и глодарите  избегале од  таму. Од ЈКП Дервен најавуваат дека тие ќе преземат неопходни мерки за заштита на велешани  од глодарите.

Редовно вршиме дератизација на канализациската мрежа во Велес. Сега е во тек постапка за склучување договор за годинешната дератизација на канализационата мрежа, по што истата ќе се спроведе. Во поглед на појавата на стаорци во центарот на градот, според нашите сознанија тоа е резултат на реконструкцијата и рушењето на внатрешноста  на зградата на хотелот Интернационал. Во останатите делови од градот нема појава на стаорци – велат од ЈКП Дервен.

Од Центарот за јавно здравје добиле реакции за присуството на стаорците по градот,  објаснуваат дека тие континуирано вршат дератизација. Но за нивно  истребување, потребна е сеопфатна акција, на повеќе субјекти.    

Има поплаки а  има и глодари во градот. Ние вршиме дератизација  на јавно прометни површини, кејот покрај Вардар, игралишта но не можеме канализацијата.  Тие се намножени, потребна е сеопфатна ангажираност, на нас, општината и  на ЈКП Дервен. Не може еден да ги уништува, а тие се паметни,  кријат на друго место Затоа треба една опсежна заедничка акција  – рече д-р  Флорентина Ристовска Шурбевска директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »