Петар Печков
Објавено: петок, 30 септември 2011
Голема понуда, ниски цени а мала побарувачка за црвениот пипер во Велес. Домаќинките велат ќе го има, но помалку а на лебот ќе се мачка потенко. Продавачите тврдат никогаш не била цената пониска а квалитетот подобар, но пиперката ,,ајварка,, не се троши.
Петочниот ударен пазарен ден, на велешкиот пазар ја донесе сликата која е присутна цел изминат месец септември. Пиперот за традиционалниот ајвар се купува, но не така како претходните години, тоа го потврдуваат и пазарџиите и граѓаните.
Иако цената е ниска, во Велес стигнува до 18 денари за килограм, не се купува како порано. Имаме екстра квалитет, но слаба потрошувачка. Луѓето ќе дојдат, ќе прашаат и заминат. Некој ќе купат, но не така како што се купуваше претходните години – вели производител на познатата ,,ајварка,, од радовишко.
Истото мислење го делат и неговите колеги од струмичко, кои дојдоа во Велес со надеж дека ќе се продаде дел од богатиот род од нивните полиња. Објаснуваат дека и црнито патлиџан е евтин, 10 денари за парче, но и тој се купува во мали количества.
Имам купувачи со кој се запознав тука на пазар, со години купуваат од мене. Ако порано земаа по 50 , годинава купија поскромно 30-тина килограми. Објаснуваат дека толку им се можностите, нема работа во градот, нема пари. Ги разбирам, ама морам и мојата мака и труд да ги наплатам – вели одгледувач од струмичко.
И додека на малиот простор се тискаа продавачите да ја понудат нивната стока, дотогаш велешани минуваа и разгледуваа, без вообичаената гужва. Дел од нив чекаа да дојде попладне, кога мислат дека ќе има и пониски цени, други само подготвуваат терен за некое следно пазарење. Други пак ги чекаат пензиите за да ги купат пиперките.
Не е скапо, туку нема пари кај поголем дел од велешани. Толкава е економската моќ на велешани, не сме кадри како порано да купуваме многу, сега колку да го има на трпезата. Рибанките леб ќе бидат намачкани потенко, но ќе има за зимата, повеќе за децата. Важно ќе се дружиме со сосетките, додека го подготвуваме, тоа нема да изостане – вели Невенка Николова, која заедно со сопругот купија30 кг црвени пиперки.
Ниската економска моќ на велешани ја чувствуваат и продавачите на ќумбињата за печење на ајварот, кои иако ги нудат од 600 до 800 денари за парче, продадените парчиња ги бројат на прсти.
Tweet |