Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 октомври 2020
За претстојните семејни слави, свештениците на Повардарската Епархија нема да ги посетуваат домовите на верниците. Ова е информацијата која ја споделија на нивната фејсбук страница. Верниците кои сакаат да подигаат празничен колач, панагии, ќе треба да посетуваат црква во одреден термин.
Од Повардарската епархија на МПЦ -ОА порачуваат дека сите заедно треба да придонесеме во изнаоѓање начини да се соочиме со предизвиците кои произлегуваат од пандемијата со ковид-19.
Наоѓајќи се во пресрет на семејните слави, на кои свештениците во градот Велес и околината ги посетуваат домовите на верниците за подигање на празничните славски колачи -панагии, сакаме да Ве известиме дека заради избегнување на сите ризици по здравјето на верниците и свештениците, свештеничкото братство од Велешкото архиерејско намесништво, после обемна дискусија и консултација, едногласно одлучи подигањето на празничните панагии да се извршува исклучиво во храмовите на градот Велес - пишува во објавата.
Од велешкото архиерејско намесништво ги повикуваат верниците при доаѓањето во храмовите задолжително да носат маски, да се дезинфицираат на влезовите во храмовите и да држат одредено растојание од најмалку 1.5 метар.
Во деновите за прослава на празниците - домашните слави, како и ден пред празникот, ќе има дежурни свештеници во периодот од 7 до 18 часот, за да нема создавање на гужви во и пред црквите во црквите "Свети Кирил и Методиј“, „Света Богородица“, „Свети Пантелејмон“ и "Свети Козма и Дамјан“ - постојано, како и црквите „Света Петка", „Свети Никола", „Свети Георгиј" и манастирот „Свети Димитриј" - на деновите на нивните празници.
Поради пандемијата со ковид-19 и состојбата во земјава со бројот на заразени, Митрополитот на Повардарската Епархија, Владиката Агатангел го одложи преосветувањето на храмот Св. Кирил и Методиј во Гевгелија.
Tweet |