речник контакт

Горан Иванов меѓу рекордни 108 верници го фати крстот на Богојавление Водици

Тој учествува дури 25 пати и годинава крстот го фати за прв пат. Во Градско крстот од Вардар го фати Тоше Крстиќ

Петар Печков

Рекордни 108 верници се фрлија по крстот во реката Вардар  во Велес а меѓу нив најмногу среќа имаше Горан Иванов 47 години од  населбата Превалец. Тој  успеа во 25 -иот обид да го фати крстот, по него се фрла откако оваа манифестација е возобновена.

Убаво е чувството да се биде најумешен меѓу толку лица,  па јас да го фатам крстот. Очекувам здравје, бериќет, мир, среќа и разбирање меѓу луѓето – рече Горан Иванов.

Вработен е во ЈКП Дервен  и тој ќе има можност во следните 40 дена да мине по домовите на велешани а тие  да го даруваат затоа што успеа на Богојавление - Водици да го фати крстот. Нему Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел му ја подари Библијата и златен крст, а десетина други спонзори му подарија други пригодни дарови, општина Велес ДВД, ЈКП Дервен телевизор, ЈВП Лисиче бела техника,  Жито маркети  соковник како и бројни други помали дарители.

Годинава за прв пат манифестацијата имаше и кум, тоа беше Ѓорѓи Ристов сопственик на Елса –Ес а за догодина за кум се пријавија Ѓоре и Олгица Пепелашеви.
Прославата на празникот на Богојавлението во Велес, започна со Света Божествена Литургија во храмот „Св. Спас“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. Потоа, од храмот „Св. Спас“ беше формирана литија до Мало Мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите.  

   Ден пред големиот христијански празник Богојавление - Водици, пак, на празникот наречен Водокрст се изврши големиот Богојавленски водосвет. Оваа година осветувањето на водите се изврши во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес.

Крстот се фрлаше и во Градско, од мостот на реката Вардар на Уланци. Се фрлија 20-тина момчиња а најумешен беше  Тоше Крстиќ  23 години од Градско. Нему црквата му даде златно ланче а локалната власт подарок ЛЦД телевизор.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »